Македонија
Османи – Мортон: Обезбедивме континуитет на севкупната билатерална соработка со Обединетото Кралство и по брегзитот
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со министерката за Европа и Америка на Обединетото Кралство, Венди Мортон, денеска во Скопје го одржа и заеднички копретседаваа со првиот инаугуративен состанок на Советот за партнерство, трговија и соработка помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство.
Двајцата министри овој свечен чин помеѓу двете држави го карактеризираа како нова ера во развојот на односите меѓу двете земји, кои негуваат долгогодишно партнерство во изминатите 28 години, а кое се рефлектира преку силни пријателски односи.
„Отсега натаму овој Совет ќе ја има улогата на координатор и контролор на работата на двете држави за предизвиците и начините за имплементација на одредбите од Спогодбата за соработка, која ја потпишавме пред само неполна година. Денес, институционално, административно и технички, не само што обезбедивме континуитет на севкупната билатерална соработка со Обединетото Кралство и по брегзитот туку слободно можам да кажам дека од денес создаваме и нови потенцијали за бизнисите; потенцијали и за нови странски инвестиции, но и можности за проширување на постојните бизнис-капацитети во земјата“, истакна Османи.
Обединетото Кралство во изминатите десет години прерасна во еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија, а размената меѓу двете земји веќе одамна ја надмина границата од една милијарда евра на годишно ниво. Минатата година, и покрај влијанието на пандемијата, обемот на трговија се зголеми со оваа земја, со што Северна Македонија стана нивниот најголем трговски партнер меѓу земјите од Западен Балкан.
На состанокот беше изразено задоволство и од континуираната успешна соработка во областа на одбраната, а како исклучително значајна е долгогодишната британска поддршка за јакнење на воените капацитети на нашата земја. Беа разменети мислења и за други прашања од заемен интерес, состојбите во регионот и соработката во НАТО како уште една алка на поврзување и соработка на двете земји во иднина.
Двајцата министри за време на состанокот го усвоија и потпишаа деловникот за работа на Советот за партнерство, трговија и соработка, а за нешто повеќе од една недела, на 21 октомври, ќе се одржи и првиот состанок на Комитетот за партнерство и трговија, како тело за технички и административен надзор за имплементација на договорот, со што и формално ќе се заокружи процесот на институционална поставеност меѓу двете земји за идниот развој на севкупните билатерални односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

