Македонија
Османи на министерска конференција во Берлин
На покана на германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес ќе престојува во работна посета во Германија, каде што ќе учествува на министерската конференција „Проширена, посилна Унија“, организирана од Сојузното министерство за надворешни работи.
Османи ќе има обраќање во воведниот дел на конференцијата заедно со министрите за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, на Шпанија, Џозе Мануел Албарес, на Словенија, Тања Фајон, и на Украина, Дмитро Кулеба.
Министерската конференција, чија цел е размена на мислења во однос на подготвеноста на Унијата за проширување и на идните земји членки за членство во ЕУ, се одржува непосредно пред Европската комисија да го објави својот пакет за проширување заедно со извештаите за земјите, кои ќе дадат препораки за конкретни чекори за кои ќе одлучува Европскиот совет во декември.
На маргините на конференцијата Османи ќе оствари многубројни средби со свои колеги од земјите членки на ЕУ и од регионот, соопшти Министерството за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

