Македонија
Османи на министерскиот состанок за интеграција на Ромите во рамките на Берлинскиот процес
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во улога на копретседавач со Берлинскиот процес имаше воведно обраќање на министерскиот состанок посветен на интеграцијата на Ромите, кој се одржa во Тирана во дигитална форма.
„Минатата година на иницијатива на Северна Македонија беше донесена декларацијата на земјите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во рамките на процесот на проширување кон ЕУ. Ме прави особено горд фактот што една година подоцна во рамките на нашето заедничко претседателство со Бугарија со Берлинскиот процес правиме пресек на постигнатите резултати од имплементацијата на оваа декларација и ги дискутираме натамошните активности“, нагласи Османи.
„Ромите се интегрален дел од нашите општества, без никакви изговори, мора да преземеме конкретни политички и правни мерки за што поголема нивна вклученост во сите општествени збиднувања. ЕУ-интеграцијата е заеднички пат и Ромите не смеат да бидат оставени настрана. Како земји аспиранти за членство во ЕУ, мора да демонстрираме успешен регионален концепт за интеграцијата на Ромите со видлив напредок во областите на образование, вработување, здравство и домување кај Ромите“, истакна Османи во своето обраќање.
Мнистерскиот состанок со воведни обраќања го поздравија и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељи, и претседателот на владата на Албанија, Еди Рама.
Заклучоците од овој состанок се планира да се вклучат во завршните документи на самитот на Берлинскиот процес, кој ќе се одржи на 10 ноември во Софија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

