Македонија
Османи не сака да ги коментира повиците од АА, ДУИ да оди во опозиција: Имаме добри меѓучовечки релации
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, тврди дека коалицијата со Алијансата за Албанците во Владата функционира професионално и покрај сè почестите повици и јавно изнесени ставови на членови на Алијансата дека ДУИ треба да оди во опозиција. Османи уверува дека комуникацијата меѓу коалициските партнери не е нарушена.
„Во Владата немаме никакви разлики. Најсоодветно комуницираме, соработуваме сите министри – дали од Алијансата, дали од ДУИ, дали од СДСМ, така што апсолутно немам забележано никаква разлика во ставови или забелешки во однос на работењето на кој било од коалициските партнери и мислам дека тоа е важно. Другото нема да го коментирам. Важно е дека имаме добри меѓучовечки релации, добра соработка, професионална, како министри и како коалициски ни партнери во рамките на Владата. Апсолутно немам забележано никакви разлики во дејствувањето“, рече министерот Османи.
Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, во неколку наврати досега јавно го искажа ставот дека ДУИ треба да замине во опозиција оти веќе 21 година е на власт, има навлезено длабоко во сите институции поради што тој лично смета дека ДУИ е рак за општеството. Сличен е ставот и на министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, кој во емисија на „ТВ 21“ јавно порача дека ДУИ треба да се апдејтира и да оди во опозиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Обвинителството да постапи за скандалот од 9 милиони евра
Бараме Јавното обвинителство да постапи за големиот корупциски скандал со тендери од речиси 9 милиони евра, доделени на фирма со само двајца вработени, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Јавно и детално, пред граѓаните, со факти и докази веќе ја презентиравме целата корупциска шема. Сите докази се јавно достапни, објавени, проверливи и повеќе од доволни за старт на истрага. Поднесовме и пријава до Државната комисија за спречување на коруцпија. Јавното обвинителство не смее да молчи туку да делува. Крадењето на народот преку корупциски шеми за пумпање на парите мора да запре и да следува одговорност“, рече таа.
Кузеска кажа дека станува збор за 9 милиони евра пари на граѓаните кои треба да завршат кај граѓаните, а не по џебовите на врхушхата на власт и во Белата палата.
„Власта на големо спроведува грабеж преку шема за испумпување на народните пари. Ова се истите шеми на Никола Груевски и Сашо Мијалков, со кои се испумпаа 2 милијарди евра пари на граѓаните. Мицкоски само го продолжува тоа што го научил од неговите учители“, рече Кузеска.
Македонија
Во прекин сообраќајот на ГП Богородица од грчка страна поради штрајк на земјоделците
Од 11:15 часот сообраќајот на ГП Богородица (од Грчка страна) е во прекин (блокиран) за секаков вид на возила поради штрајк на земјоделци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
„Време е да ги почитуваме разликите, наместо да ги негираме“: Сиљановска-Давкова на Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Претседателкатa Гордана Сиљановска Давкова се обрати на настанот „Аbility awards“, што во пресрет на 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одржа во организација на платформата „Абилитист“ којашто се бори за инклузија на овие наши граѓани.
Според претседателката, надминувањето на предизвиците е заедничка должност и одговорност да се гради општество во кое достоинствениот живот не е само етички идеал, туку реална човечка потреба, потсетувајќи дека промените не зависат само од индивидуални напори, туку од континуирана посветеност и координираната работа на надлежните сектори.
Таа го поздравува „Ability Awards 2025“ како просветителски проект со којшто им се оддава признание на 10 личности со попреченост чии професионални и лични достигнувања се доказ за релативизирање, па дури и бришење на попреченоста преку знаењето, емоционалната интелигенција и творечката умешност. Според неа, неопходни се правни и институционални решенија што препознаваат и овозможуваат непречено изразување на различните човечки потенцијали.
За неа, подеднакво важно е наградувањето на 10-те компании за развојот на иновативни и инклузивни практики. „Нивната работа покажува дека економскиот сектор може да биде значаен промотор на културни и структурни промени, особено кога пристапноста на секој субјект кон секој објект и ресурс е стратешка инвестиција што води сметка за правичноста и еднаквоста на шансите, но и можностите”, потенцираше таа.
На настанот претседателката му ја додели наградата „ИМПАКТ – Подигање на јавната свест“ на Марко Пејчиновски кој, за неа е симбол на храброст, дисциплина и младешки дух што ја претвора љубовта во инспирација за сите негови врсници.

