Македонија
Османи-Нуртлеу: С. Македонија и Казахстан имаат одлична билатерaлна соработка во повеќе сфери на интерес, вклучително и во ОБСЕ
Централна Азија и Казахстан се соочуваат со повеќе безбедносни предизвици. Ситуацијата во Авганистан резултира со силни влијанија врз целиот регион, но ОБСЕ продолжува да ги поддржува земјите-учеснички во справувањето со овие влијанија преку сеопфатен пакет проекти за ублажување на ризиците.
Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи на прес-конференцијата со министерот за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу што денеска се одржа во Астана по нивната заедничка средба.
„И покрај предизвиците со коишто се соочува ОБСЕ, особено поради руската воена агресија во Украина, која има огромно влијание врз нашата колективна, човечка и економска безбедност, ОБСЕ ќе продолжи координирано да работи и да нуди решенија што ќе значат поголема сигурност за луѓето од поширокиот регион на Централна Азија“, изјави Османи.

Покрај за справување со предизвиците, Претседавачот Османи истакна дека Програмската канцеларија на ОБСЕ во Астана дава поддршка на Казахстан и за спроведување на реформската агенда во земјата.
„Соработката меѓу Казахстан и ОБСЕ покажува многу добри резултати на терен. На пример, нашиот заеднички тригодишен проект за поддршка на реформите во правосудството резултира со градење на капацитетите во соработка со Врховниот суд, владините тела и националните институции за човекови права. За споменување се исто така проектите за еко пристаништа, борба против сајбер криминалот и други, што говори за опипливите придобивки за луѓето што произлегуваат од заедничката работа на Канцеларијата на ОБСЕ и институциите“, истакна Османи.
Покрај соработката на ОБСЕ со Казахстан, Османи на прес-конференцијата со Нуртлеу истакна дека и Северна Македонија и Казахстан имаат одлични билатерални односи во сите сфери од заеднички интерес – политички, економски, трговски и културни и очекува дека тие ќе продолжат да се продлабочуваат.

Османи исто така изрази и благодарност до властите во Казахстан за поддршката на приоритетите на Северна Македонија во рамки на Претседавањето со ОБСЕ, соопшти МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

