Македонија
ОБСЕ е потребна за да го поттикне мултилатерализмот и да ја олесни соработката, рече Османи на отворањето на состанокот
Со повик за обединување за заложбите на ОБСЕ, упатен до министрите за надворешни работи, претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, го отвори 30-тиот министерски совет на ОБСЕ, кој овие два дена се одржува во Скопје.
Министерскиот совет на ОБСЕ почна со сесијата за отворање, на која воведно обраќање имаше и премиерот Димитар Ковачевски.
Претседавачот Османи во своето обраќање се осврна на три клучни поенти, кои го одбележаа претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ: поддршката од ОБСЕ за Украина, која се соочува со воената агресија од Руската Федерација, зајакнувањето на ОБСЕ и неjзината иднина и грижата за луѓето како фокус на работата на ОБСЕ.
„Поради сите овие причини, ОБСЕ е потребна за да го поттикне мултилатерализмот и да ја олесни соработката, за луѓето да живеат слободно. Мора да одговориме на овој повик заедно бидејќи тој не доаѓа од мене како актуелен претседавач, туку од луѓето од регионот на ОБСЕ – луѓето и граѓаните на нашите земји“, истакна Османи.
![]()
Зборувајќи за влијанието на руската воена агресија, Османи потенцира дека покрај тоа што разорната сила на војната, пред сè, ги уништи животите на илјадници граѓани и суверената територија на Украина, таа има и негативен ефект врз ОБСЕ и нејзината главна задача – да претставува платформа за дијалог, која нуди решенија за безбедносните предизвици.
„И покрај мрачната реалност на војната со која се соочува Украина и другите долготрајни конфликти во поширокиот регион на ОБСЕ, мултилатерализмот останува најдобрата алатка за спречување конфликти и надминување на разликите и споровите. ОБСЕ како најголема регионална безбедносна организација во светот е препознаена и ценета како потребен и сигурен партнер за мир и стабилност“, рече Османи.
Во таа насока, релевантноста и потребата на ОБСЕ беше уште позначајна и токму затоа голем дел од мојот ангажман како претседавач со ОБСЕ беше ставен на зачувување на Организацијата, додаде Османи.
„Затоа сум благодарен што овој ангажман беше поддржан од мнозинството земји учеснички и што Република Малта ќе ја преземе важната одговорност да биде претседавач со ОБСЕ во 2024 година“, рече Османи.
Сепак, она што останува, а што е еднакво важно како и консензусот за прашањето за претседавач во 2024 година, е и изборот на челници на институциите на ОБСЕ, како и усвојување на буџетот на Организацијата.
„Програмите на ОБСЕ, нејзините теренски операции и механизми за градење доверба придонесуваат за наша поголема сигурност и безбедност. Затоа, не смее да дозволиме овие алатки, кои придонесуваат многу во подобрувањето на животот на многу луѓе, да останат неискористени поради нашата внатрешна неусогласеност. Тоа би било парадоксално и неприфатливо, а најмногу предавство на луѓето на кои им служиме“, потенцира Османи.
![]()
Османи повтори дека како претседавач во изминатата година најмногу време посветил на луѓето и дека ОБСЕ постои и функционира за доброто на луѓето.
„ОБСЕ мора да продолжи да служи како активна платформа за одговорност во време кога тензиите и конфликтите се во пораст. Не треба да заборавиме дека ОБСЕ е ангажирана во целиот регион и работи на решенија за потребите на луѓето. Ни беа доверени важни мандати за придржување до принципите и заложбите на ОБСЕ, истовремено справувајќи се со разни предизвици во Источна Европа, Југоисточна Европа и во Централна Азија. ОБСЕ останува активна на сите нивоа во нашите општества придонесувајќи за сеопфатна безбедност за сите бидејќи нашите дела денеска се наследство за нашата иднина“, рече Османи.
Сесијата продолжува со излагања на делегатите на сите земји учеснички и партнери на ОБСЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

