Македонија
Османи од Вилнус: „Членството во НАТО и ЕУ ги гарантира регионалната и европската безбедност“
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на алијансата, што се одржа во рамките на НАТО-самитот во Вилнус, известува МНР.
Состанокот се одржа во пресрет на постигнатиот политички договор со кој Шведска се приклучува кон трансатлантското семејство продолжувајќи го патот до полноправно членство како 32 земја членка на алијансата. Ваквиот чекор ќе придонесе за понатамошното зајакнување на НАТО и гарантирањето долгорочна безбедност и стабилност на Евро-атлантскиот Регион.
Воедно, беше нагласено значењето на политиката на отворени врати на НАТО, при што Османи истакна дека таа мора да продолжи; од Западен Балкан, со што ќе се заокружи евро-атлантската ориентација на Балканот, па сè до Украина, која во моментот ја поднесува најголемата жртва во одбраната на принципите на алијансата.
На состанокот, на кој учествуваа високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, како и министрите за надворешни работи на земјите партнери изложени на ризик – Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, беше нагласено дека најсилна гаранција за регионалната и европската стабилност претставува членството во НАТО и Европската Унија, соопштува МНР.
„Силната поврзаност и соработката меѓу НАТО и ЕУ е особено значајна за стабилноста на нашиот регион, но и на целокупниот европски континент. Заеднички и посветено треба да работиме на забрзување на европските и евро-атлантските интегративни процеси на земјите од Западен Балкан како значајна алатка за зајакнување на регионалната безбедност, особено во актуелниот геополитичкиот контекст“, нагласи Османи.
Воедно, министрите ја потврдија подготвеноста за натамошна поддршка и соработка на НАТО со земјите партнери изложени на ризик, со цел зајакнување на нивната отпорност, на линија на одлуките усвоени на минатогодишниот самит во Мадрид. Министерот Османи ја реафирмира нашата цврста политичка поддршка за нивната независност, суверенитет и територијален интегритет, како и спремност за практична помош.
Сојузниците уште еднаш ја нагласија осудата на руската воена агресија, како и силната обединетост и единство во однос на поддршката за Украина нагласувајќи ги заложбите за зголемување на долгорочната практична помош и поддршка на земјата, што ќе овозможи идна целосна интероперабилност со НАТО земјите членки, се додава во соопштението на МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.