Македонија
Османи од САД: Текстот на уставните измени ќе ги фрли во вода сите партиско-политички манипулации
Во рамките на посетата на Њујорк, претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, одржа брифинг со новинарите, на кој ја презентира неговата агенда во САД и клучните пораки што ќе бидат испратени на состаноците со светските државници.
„Работиме на две траектории во нашата надворешна политика. Едната е Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ, преку која ја праќаме нашата порака дека како мултиетничка функционална демократија можеме да понудиме поддршка на регионалните, но и светските процеси на помирување и дијалог, а доказ за тоа е дијалогот помеѓу Србија и Косово, кој неодамна се одржа во Охрид, но и моите посети во својство на претседавач на другите региони на ОБСЕ, во кои е потребно засилување на безбедноста и одржување стабилен мир.
Втората е Северна Македонија и ЕУ и нашата активност поврзана со скрининг-процесот, како и процесот на уставните измени, што земјата мора да ги спроведе“, рече Османи на брифингот.
Во рамките на првата цел, претседателството со ОБСЕ, Османи го оцени обраќањето пред Советот за безбедност како исклучителна можност за претставување на приоритетите на Северна Македонија и повик за акција до сите светски лидери.
„Војната што се одвива во нашиот двор, во Европа, од која последиците се далекосежни и глобални, бара итна заедничка акција. Потребна ни е синергија помеѓу ОБСЕ и ОН за постигнување мир за сегашните и идните генерации“, ќе биде една од главните пораки што ќе ги упатам од Советот за безбедност, рече Османи на брифингот.
Во однос на обврските на Северна Македонија за пристапување кон ЕУ, Османи истакна дека целата енергија на државата и нејзините институции е насочена кон успешно завршување на тој процес.
Османи рече дека Министерството за надворешни работи е вклучено во процесот на подготовка на текстот на уставните измени преку свој претставник во работната група, а тој лично во барањето на поддршка за тој процес од страна на пријателите на Северна Македонија од меѓународната сцена.
„Сценариото за одвивање на овој процес е утврдено во согласност со преговарачката рамка, но ја знаете изреката – ѓаволот е во деталите. Сакаме да ги имаме предвид размислувањата на сите земји-членки, размислувањето на Република Бугарија и динамиката на процесот за да ги имаме пред нас сите комбинаторики. Нема отстапување од тоа што е зацртано во преговарачката рамка, односно со комплетирањето на уставните измени да се отвори првото поглавје“, рече Османи на одговор на новинарско прашање во однос на процесот на уставните измени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

