Македонија
Османи: Планот за имплементација на Законот за јазиците на следната владина седница
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денес свика координативен состанок со претставници од повеќе ресори и институции, со цел координација, следење и известување за текот на имплементацијата на Законот за употреба на јазиците.
Планот за имплементација на Законот за употребата на јазици се очекува да биде разгледан на првата следна владина седница, а Османи веќе најави и меѓународна донаторска конференција за размена на мислење, искуство и координација на поддршката за имплементација на законот.
„Имплементацијата на Законот за јазици претставува комплексна и обемна операција, за чија успешност потребано е формирање на работна група – координативно тело, чија задача ќе биде координирање, мониторирање и известување за текот на имплементација на законот“ изјави Османи на средбата, посочувајќи на законските рокови за усогласување со одредбите од Законот, во кои бројни институции треба да ги имплементираат и да овозможат соодветна употреба на албанскиот јазик.
На координацијата беше заклучено да се изготви конкретен и прецизен план на активности, со соодветни рокови и критериуми за реализација, со што ќе се овозможи полесна и попрецизна контрола врз имплементацијата на Законот.
Покрај Османи, на координацијата присуствуваа и министерот за образование, Арбер Адеми, пратеникот, Артан Груби, поранешниот министер за правда, Билен Салији, како и останати претставници на институциите и експерти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Корисниците од село Орман денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со професори од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со професори на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје за неопходноста од креирање национален модел на образовна и здравствена политика, во којшто ќе бидат вградени физичката активност и здравите навики кај децата и младите, како гаранција за физички и ментално здрава нација.
За таа цел, деканот на факултетот, Влатко Неделковски, продеканката за настава, Андријана Мисовски и професорите Иван Анастасовски и Серјожа Гонтарев ја запознаа претседателката со предлог проектот, односно со планираните истражувања и временската рамка во којашто ќе се одвиваат (2026-2028), очекуваните резултати и стратешката одржливост.

Соговорниците укажаа на загрижувачките последици од долготрајното седење, гледањето телевизија и прекумерната употреба на дигитални уреди врз здравјето на младите, очигледни во прекумерната тежина, зголемената анксиозност, социјалната изолација и пониската самодоверба.

Тие посочија на научно утврдените придобивки од физичката активност како: поголема мускулна маса, подобра меморија, повисока концентрација, смиреност, полесно учење, повисоки академски резултати.

Претседателката предлага посветување поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени и форми на образование, од градинка до факултет, практикување интерактивна настава во природа, учење во движење.

Сите веруваат дека инкорпорирањето на физичката активност како неопходен елемент на образовниот процес ќе има силно влијание врз младите и нивниот префериран модел на живот, профилирајќи поактивни, поиздржливи, посвесни и поздрави генерации.
Македонија
До сабота претежно облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд
Облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните делови (локално над 30 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До сабота времето ќе биде претежно облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Во западните и јужните делови врнежите ќе бидат пообилни (локално над 30 l/m² за 24 часа). Од недела ќе има стабилизирање на времето.

