Македонија
Османи повика на лидерство во регионот на ОБСЕ во борбата против трговијата со луѓе
Системскиот пристап во борбата против трговијата со луѓе и посветеноста да се стави крај на модерното ропство, се главните обележја на ОБСЕ и оваа Организација е ориентирана кон акција и решенија што можеме заеднички да ги постигнеме.
Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи кој преку видео обраќање ја отвори 23-та Конференција на Алијансата за борба против трговијата со луѓе насловена „Национално лидерство за ставање крај на трговијата со луѓе“ којашто денеска и утре се одржува во Виена.
Османи нагласи дека темата на Конференцијата е навремена и сериозна, особено имајќи ја предвид руската агресија врз Украина и нуспроизводите од неа што се чувствуваат во целиот регион на ОБСЕ.
„Тежината на моментот, сериозноста на нашето време, повикува на одговорност, трпение и мудрост, три витални карактеристики на лидерство. Како Претседателство, ќе продолжиме да промовираме лидерство преку инклузивност и вклучување на сите актери од различни спектри на општеството. Збир на различни пристапи само ќе го зајакне нашиот механизам за одговор, ќе придонесе за добро, одговорно владеење и севкупен општествен напредок“, рече тој во своето обраќање.
За да го постигнеме тоа, покрај лидерство, потребна ни е и политичка волја, потенцираше Османи. Го повтори мотото на Претседателството на Северна Македонија „За луѓето се работи“ и зошто заедничките акции мора во фокусот да ги имаат луѓето што се најпогодени од ова зло.
„Трговијата со луѓе е прашање на безбедноста на луѓето. Државите имаат должност да се грижат за жртвите и потенцијалните жртви на ова кривично дело. Не само во овие два дена, туку и во сите наши напори за борба против трговијата со луѓе, секогаш да ги имаме на ум луѓето. Мора да ги слушнеме нивните гласови и грижи, нивните надежи и стравови. Мора да ставиме човечки лик на сите наши документи, зборови и дела“, рече Османи.
Се осврна и на мерките што Северна Македонија ги има преземено, како усвојувањето на Националната стратегија и Акциски план за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2021-2025, како и Стратегија и Акционен план за борба против трговија со деца 2021-2025.
„Овие документи гарантираат дека сите наши национални институции се хармонизирани и постапуваат навремено во нивниот одговор и се вклопуваат во севкупната стратешка визија“, рече Османи.
Она за што ни е потребна поддршка е зајакнување на напорите за откривање, гонење и процесирање на луѓето што вршат трговија со луѓе, за што можеме да учиме од земјите-учеснички на ОБСЕ, додаде Османи.
ОБСЕ преку својот Специјален претставник и координатор за борба против трговијата со луѓе, Валиант Ричи и неговиот тим, дадоа извонреден придонес во борбата против трговијата со луѓе и успеаја да го подигнат профилот на работата на ОБСЕ на високо ниво, рече Османи.
Конференцијата се организира на 20-годишнината од донесувањето на Акцискиот план на ОБСЕ. Дискусијата има за цел да ги истакне позитивните примери на лидерство против трговијата со луѓе во регионот на ОБСЕ, вклучително и преку опремување на државите со потребните структури и закони за ефикасна борба против овој вид на криминална активност.
Препораките од Конференцијата, пак, ќе бидат потврда за посветеноста за искоренување на трговијата со луѓе и патоказ за спроведување на Акцискиот план на ОБСЕ во следните 20 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

