Македонија
Османи: Политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ влог во регионалната стабилност
Со цел одбележување на почетокот на НАТО-деновите во Северна Македонија, министерот за надворешни работи Бујар Османи денес беше домаќин на традиционалниот НАТО-појадок.
„Денес, во присуство на нашите сојузници и партнери одбележуваме три години од членството на Северна Македонија во алијансата, а на 4 април ќе ја чествуваме 74-годишнината од основањето на Организацијата на северноатлантскиот договор или Денот на НАТО. Со тоа ја продолжуваме традицијата секоја година од 27 март до 4 април да се одржуваат Деновите на НАТО посветени на заедничките успеси и постигнувања, но и предизвиците со кои сојузниците и алијансата се соочувале во годината“, нагласи Османи.
Ги истакна придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО оценувајќи го како историски успех и најзначајно надворешнополитичко постигнување. Нагласи дека нашето членство во алијансата е особено значајно за регионалната безбедност и стабилност, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици.
„Регионот на Западен Балкан е особено изложен на стратегиска конкуренција и на малигно влијание на трети страни, кои се обидуваат да ги искористат слабостите и недовршената евро-атлантска интеграција со цел да остварат свои стратешки интереси. Решението се наоѓа во засилени демократски реформи со цел да се зајакне отпорноста , но и во засилена и координирана соработка на НАТО и ЕУ во заокружувањето нa евро-атлантската интеграција на регионот и комплетирањето на демократската трансформација“, истакна Османи.
Во своето воведно обраќање премиерот Димитар Ковачевски ги брои странските директни инвестиции кои лани беа во висина од 753,8 милиони евра или двојно повеќе во однос на 2016 година, како и отворањето над 10.000 работни места технолошко-индустриските развојни зони како дел од придобивките на НАТО-членството, со што, според Ковачевски, Република Северна Македонија не е повеќе земја на евтина работна сила.
„Со членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија, со концептот за еднакво општество дома, со храбрите, но и државнички одлуки со кои ги заштитивме идентитетските одредници и националниот идентитет, со функционалните политики на дијалог и разбирање, Република Северна Македонија денес е фактор на стабилноста на Западен Балкан. А јасно е дека евро-атлантската ориентација на регионот е потребна и во функција на европските мир и стабилност и во насока на просперитетот“, нагласи Ковачевски.
Обраќање како специјален гостин имаше и амбасадорката на Украина, Лариса Дир, која изрази благодарност за помошта што Северна Македонија ја обезбедува за Украина нагласувајќи дека таа е од витално значење за украинските бранители, кои и по цена на сопствениот живот ги бранат и Украина и демократските вредности.
На настанот присуствуваа високи владини функционери, претставници на дипломатскиот кор и други значајни институции во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мојсоска: Усеини уништува антифашистичко наследство додека СДС и ДПМНЕ молчат
Од локацијата кај познатата Бела куќа на ул. ,,Димитар Влахов” бр. 9 во Охрид, од каде бескруполозно беше тргната плочата од НОБ, Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска истакна:
,,Овој културен објект беше уништен од страна на локалниот шериф, Нефи Усеини. Плочата на АСНОМ каде пишува за осудените антифашисти од страна на бугарскиот окупатор, беше тргната пред месец дена. Од градоначалникот Пецаков нема никаква реакција додека се уништува антифашистичкото наследство од страна на поранешниот функционер на ДУИ”.
Мојсоска се наврати кон 2019 година кога беа силни обвинувањата на ВМРО – ДПМНЕ кон Усеини. Според Мојсоска, наспроти тоа, се испоставува дека коалицијата ДПМНЕ – ДУИ сега е уште посилна, благодарение на заедничките бизнис – интереси.
,,Ќе потсетам дека во 2019 година, токму ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека Усеини го тероризира Охрид. За жал, Охрид го губи својот автентичен изглед, иако за овој објект има Решение за уривање. Институциите молчат, молчи и Министерството за култура кое е раководено од социјал-демократите”, додава Мојсоска за криминалот на поединците и молкот на институциите.
Јована Мојсоска како Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, порачува:
,,Затоа на 8 мај, да заокружиме број 5, за да ставиме ред во безредието и закон во беззаконието!”
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти, залудни сценарија, секако ќе одат во опозиција
ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти, залудни сценарија, секако ќе одат во опозиција, велат ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
– Функционери на ДУИ се забележани дури и во места како Виница, Кочани, Берово, Делчево каде во верски објекти со полицајци се обидуваат да поткупуваат гласачи. Со ова се обидуваат да освојат голем резултат, мислејќи дека така ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да седне со нив, но се лажат. ДУИ оди во опозиција и со тоа треба да се помират. Залудно е и полнењето кутии. Примерите кои се нотирани во Липково, не им помогнаа во првиот круг, нема ниту сега во вториот. Времето кога го купуваа гласот на народот завршува. Време е Македонија да ја вратиме на народот. Македонија повторно твоја, – додаваат од партијата.
Македонија
СДСМ: Глас ЗА СДСМ на 8 мај е глас за слобода, демократија и европска држава
Гласот ЗА СДСМ на 8 мај е глас за слобода, демократија и европска држава, за чување на темелите на државноста, демократските вредности, внатрешната кохезија, стабилни етнички односи, безбедна и европска иднина на Македонија, велат од СДСМ преку соопштение.
– СДСМ ја врати слободата, ја врати државата на вистинскиот пат. Директна потврда дека со СДСМ се почитуваат демократските и европските вредности е последниот извештај на „Репортери без граници“, според кој Македонија е на 36-тото место и најдобро позиционирана во регионот, по слободата на медиумите. Во 2016 година бевме на дното, рангирани на 118-то место. Тогаш слободно кажаниот збор се казнуваше, медиумите беа цензурирани, граѓаните беа манипулирани. Враќање на режимот на ДПМНЕ во најава, би значела сигурна блокада на Македонија и внатрешни етнички тензии, што би и нанело огромна штета на иднината на државата. Преголема моќ за десничарска партија како ДПМНЕ која воопшто не е променета, ќе претставува сериозна закана од враќање на заробена држава, поделби, уцени и закани. Затоа е важно граѓаните да излезат на 8 ми мај масовно и да гласаат, заедно со СДСМ да не дозволат враќање назад, – додаваат од партијата.