Македонија
Османи: По 20 дена, сѐ уште без аргумент против суштината на преговарачката рамка со ЕУ
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, преку видеопорака се обрати до граѓаните заблагодарувајќи се за коментарите и за дискусијата, која се поттикна од видеото што тој сними пред 20 дена.
Во тоа видео министерот сликовито ја објаснуваше суштината на преговарачката рамка со Европската Унија. Договорите со соседите, особено договорот со Бугарија и прегледите од член 12 од договорот, не се дел преговарачката рамка, рече тогаш Османи. Во денешното видео министерот вели дека и по дваесет дена, сè уште нема аргументи против ова тврдење и уште еднаш потврдува дека овие сегменти не се дел од преговарачката рамка и за нив нема гласање од страна на земјите членки на Европската Унија.
Според Османи, неговиот обид искрено да ја претстави преговарачката рамка, преку визуелно испишување на нејзините составни делови, бил со цел да поттикне дебата, која ќе биде фокусирана на вистината и преку која објективно ќе се презентираат фактите.
„Сепак, забележливо е дека иако имаше многубројни коментари, ниту еден не даде опиплив аргумент за да ги побие фактите што ги презентирав. Основната порака останува непроменета: договорите со соседите и прегледите не се дел од посебните сегменти на преговарачката рамка, каде што има писмено известување и гласање од страна на земјите членки“, вели Османи во видеото.
Министерот уште еднаш повика доколку постојат спротивставени ставови, тие да бидат презентирани со аргументи и со искрен пристап преку кој ќе се покаже дека навистина се грижиме за иднината на државата.
„Искрениот дискурс ја зајакнува нашата демократија. Го почитувам секој од вас, без разлика дали сте се согласиле со методот или не. Нашата крајна цел е посветла европска иднина за Северна Македонија и верувам дека заедно со отворен дијалог и со факти можеме тоа да го постигнеме“, вели Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.
Македонија
Европски фронт: Скандалозен јавен политички притисок врз Управниот суд од страна на поразените на изборите
Европскиот фронт со голема загриженост ги проследи денешните скандалозни заканувачки изјави на лидерите на опозицијата кои загубија на претседателските и парламентарните избори кон Управниот суд, соопштија од оваа партија.
Европскиот фронт, како што велат, ги регистрирал заканитеи ја известил целата меѓународна заедница и сите локални и меѓународни институции за јавните изјави со закани како и обидот за изборен инженеринг со надворешно-институционални меѓупартиски договори за гласање и надгласување во Државната изборна комисија, како и со партиски притисоци до управниот суд.
Според нив, таквиот обид за изборен инженеринг има за цел да го промени односот на бројките во Собранието преку политички договор на маса.
„Со политички договори и монструозен антидемократски план, изготвен во партиските штабови на ВМРО, СДСМ и Влен, се прави обид да се наруши волјата на граѓаните.
Седницата на Државната изборна комисија беше скандалозна демонстрација на прегласување и суспендирање на принципите на Охридскиот договор.
Ги повикуваме сите институции да постапат согласно Законот, без партиски или политички директиви од која било партија и да го заштитат кредибилитетот на изборниот процес до крај, без да се стави никаква дамка на волјата на граѓаните изразена на изборите“, реагираат од Европскиот фронт.