Македонија
Османи, Рау и Линде на средба со Кулеба на полско-украинската граница

Тројката претседавачи со ОБСЕ, министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на Полска, Збигњев Рау, и на Шведска, Ан Линде, oтпатуваа на полско-украинската граница.
За време на нивниот престој ќе остварат средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, и ќе го посетат прифатниот центар за бегалци во близина на граничниот премин Корчова.
Посетата на трите министри е во насока на поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во согласност со меѓународното право и основните документи на ОБСЕ, како и за заштитата на основните човекови права на украинските граѓани. Како дел од тројката претседавачи на ОБСЕ, ќе се разгледаат можностите за искористување на механизмите и алатките на ОБСЕ за ублажување на последиците од војната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мишиќ: Итни и конкретни чекори за безбедни улици сега, не утре

Претседателката на Либерално-демократската младина (ЛиДеМ) и член на Извршниот одбор на ЛДП, Јелена Мишиќ, вели дека улиците стануваат бојно поле, а младите животи секојдевно згаснуваат.
„Последните трагедии низ Скопје ја покажаа суровата реалност – несоодветната инфраструктура, отсутната контрола и негрижата на институциите кои чинат живот. Ова не е статистика, ова е нечија судбина! Либерално-демократската партија бара итни и конкретни чекори! Пешачките премини не смеат да бидат избледени и невидливи, улиците мора да бидат јасно обележани, а хоризонталната и вертикалната сигнализација редовно обновувана. Несфатливо е во 21 век да бараме пешачки премин „на среќа“ или да газиме по избледени линии“, посочува Мишиќ во својата изјава.
Според Мишиќ, локалните власти мора веднаш да формираат Совети за безбедност во сообраќајот таму каде што ги нема, а во оние општини каде што постојат, да се ангажираат вистински професионалци кои ќе предложат одржливи решенија, затоа што без стручни луѓе, секоја мерка е само празен збор.
„Бараме да се воведат ‘платоа за забавување на сообраќајот’ пред училиштата и градинките, а брзината во централните подрачја да се ограничи на 30 км/ч. Ова не е популизам – ова спасува животи. Сообраќајниот хаос мора да се реши и преку паметно организирање на паркинзите, за тие да не претставуваат пречка, туку дел од решението“, порачува Мишиќ.
ЛДП, додава Мишиќ, нема да дозволи оваа тема да биде заборавена по неколку дена. Улиците мора да бидат безбедни за сите – сега, не утре!
Македонија
Ѓорѓиевски на средба со италијански експерт за сообраќајни решенија, Џовани Ботини

По повод конференцијата на тема „Нееднаквости: италијанскиот дизајн за подобар живот“, организирана од Амбасадата на Република Италија и ITA – Italian Trade Agency Skopje, во рамките на Italian Design Day, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, одржа состанок со дел од учесниците на настанот, кои ги претставија своите врвни достигнувања на светско ниво.
На продуктивниот работен состанок во просториите на Општина Кисела Вода присуствуваше Џовани Ботини, извршен директор на италијанската компанија „SYSTEMATICA”, како и професорите од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Огнен Марина и проф. д-р Ана Тромбева Гаврилоска, заедно со советникот на градоначалникот за урбанистички прашања, Славе Трпески. Главната тема на дискусијата беше идентификувањето на сообраќајните предизвици и пронаоѓањето на иновативни решенија за нивно надминување, со посебен фокус на Општина Кисела Вода и поширокото подрачје на Скопје.
Кога станува збор за решавање на урбаните сообраќајни проблеми, малку компании можат да се пофалат со искуство како “SYSTEMATICA”. Оваа италијанска фирма стои зад некои од најуспешните проекти за транспортно планирање во светот – од Милано, Рим и Торино до Лос Анџелес и Дубаи. Нивниот пристап се базира на детална анализа на сите можни транспортни решенија, со цел креирање долгорочни, одржливи стратегии кои ја подобруваат функционалноста на градовите.
Градоначалникот Ѓорѓиевски ја нагласи важноста на ваквата експертиза во контекст на се’ поголемите предизвици со кои се соочуваат македонските градови.
– Урбаните средини се менуваат, бројот на возила расте, а со тоа и потребата од добро осмислени решенија. Само преку стратешко планирање и соработка со докажани експерти како “SYSTEMATICA” можеме да изградиме функционален, ефикасен и модерен транспортен систем. Нашата обврска е да донесеме решенија што ќе обезбедат подобар квалитет на живот за сите граѓани, истакна Ѓорѓиевски.
Во рамки на средбата се дискутираше и за големиот успех на Меѓународниот конкурс за Расадник што го реализираше Општина Кисела Вода, првиот ваков конкурс во Македонија после 1965 година. Проектот привлече огромно внимание, не само во домашната јавност, туку и во светските стручни кругови. Жирито беше составено од меѓународни експерти, вклучително и реномиран професор од Италија, а поддршка стигна и од домашните релевантни институции – Архитектонскиот факултет во Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Заклучокот од средбата беше јасен – само преку силна соработка меѓу локалните власти, академската заедница и меѓународните партнери можеме да создадеме одржливи, паметни и ефикасни решенија кои ќе ја дефинираат иднината на македонските градови.
Italian Design Day е проект на италијанското Министерство за надворешни работи со кој се промовира дизајнот како универзална експресија на „Made in Italy”. Овој ден се одбележува со богата програма од настани организирани од италијанските амбасади низ целиот свет.
Македонија
Истрага против дилер на марихуана во Тетово

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело- Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
При претрес во домот на осомничениот, во рамките на оперативна полициска акција, пронајдени се 126,95 грама марихуана во поделена во 85 зипер ќесички подготвени и наменети за натамошна недозволена продажба. Исто така, од осомничениот 37-годишен тетовец се одземени и парични средства во вкупен износ од 71.700 денари за кои постои сомнение дека потекнуваат од илегална продажба на дрога.
Бидејќи постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик дека осомничениот би можел да го повторува делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.