Македонија
Османи се сретна со сојузниот министер за надворешни работи на Швајцарија, Игнацио Касис
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Швајцарската Конфедерација се сретна со сојузниот министер за надворешни работи на Швајцарската Конфедерација, Игнацио Касис, која се случува првпат по 12 години на ниво на шефови на дипломатии.
Во фокусот на разговорите беше збогатување на билатералните односи преку интензивирање на договорната состојба, економската соработка, состојбите поврзани со ковид-пандемијата, актуелни прашања од доменот на меѓународната и регионалната политика, како и соработката во многуте мулатилатерални организации, во кои негуваме партнерски однос со Швајцарија.
„Од огромно значење е швајцарската развојна помош во рамките на најновата стратегија за Северна Македонија за периодот 2021-2024, со која ќе бидат алоцирани дури 72 милиони швајцарски франци за нашата земја. Овие средства наменети за трите тематски области: демократско управување; вработување и економски развој; инфраструктура и животна средина претставуваат значаен придонес и поттик за натамошниот економски и демократски развој на нашата држава, за спроведувањето на реформите, како и основа за продлабочување на билатералните односи“, истакна Османи.
Министрите разговараа и за претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, како и можностите за примена на швајцарските искуства и добивање конкретна швајцарска помош и експертиза во рамките на оваа мултидисциплинарна организација, која третира многубројни предизвици и постигнува конструктивни решенија.
Османи и Касис зборуваа и за многубројната дијаспора по потекло од Северна Македонија, која живее и работи во Швајцарија, придонесува во развојот на ова држава, а преку тоа и во градењето на просперитетот на Северна Македонија.
„Нејзината конструктивна улога е силен и цврст мост на зближување на нашите две пријателски држави“, нагласи Османи.
Посетата на министерот Османи на Швајцарија продолжува во Сион, каде што ќе има средби со повеќе претставници на нашата дијаспора и веднаш потоа заминува за Мадрид на средба со министерката за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Шпанија, Аранча Гонзалес Лаја, и други шпански претставници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

