Македонија
Османи се сретна со Столтенберг: Заедничкиот пристап на НАТО и ЕУ во Западен Балкан клучен за регионалната стабилност
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во рамките на работната посета на Брисел.
На средбата стана збор за актуелните безбедносни предизвици, како и за активностите на НАТО во насока на адаптирање кон новата безбедносна реалност, справување со предизвиците и зајакнување на одбраната и одвраќањето.
Во посебен фокус на разговорите беа актуелните состојби во Западен Балкан како регион од стратешки интерес за алијансата.
„Блиската координација и заедничките активности на НАТО и ЕУ во Западен Балкан, како и забрзување на европската и евро-атлантската интеграција на земјите од регионот, претставуваат клучни алатки за консолидирање на регионалната стабилност и затворање на вакуумот за потенцијални дестабилизирачки влијанија од трети страни“, нагласи Османи
Воедно, Османи истакна дека Северна Македонија како кредибилен сојузник останува посветена во својата определба за придонес кон глобалниот мир, колективната безбедност и стабилноста на регионот. Во таа насока се осврна на нашиот придонес во мисиите и борбените групи на НАТО, како и определбата за одвојување 2 % од целокупниот БДП за одбраната.
На средбата стана збор и за руската воена агресија врз Украина, како и поддршката за украинскиот народ, а во тој контекст беа нагласени и значајните одлуки од неодамнешниот самит на НАТО во Вилнус, со кои уште еднаш се потврди единството на алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.

