Македонија
Османи со обраќање пред европратениците: Потребен ни е рецепт за успех, а не за катастрофа
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше обраќање и сесија за прашања и одговори со европратениците кои се членови на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).
Османи пред членовите на Комисијата даде детален осврт за текот на имплементација на клучните реформи во земјата, како и посветеноста на земјава за градење мостови на добрососедство, регионална и меѓународна соработка, со цел овозможување видлива и достижна европска перспектива:
„Ако европска дефиниција за напредок на една земја е да успее да го обнови духот на аспирации и отвореност, континуирано да презема чекори за консолидирање на нејзината демократија, да ги негува и надградува меѓуетничките односи, да го врати владеењето на правото и институционалната доверба, да ја зголеми транспарентноста на процесите на донесување одлуки, да успее да воспостави соодветна контрола и рамнотежа над извршната власт и да стане фактор на стабилност во регионот преку надминување на отворените билатерални прашања, тогаш Северна Македонија, согласно сите критериуми, недвосмислено заслужува одржување на Првата меѓувладина конференција до крајот на годинава“, истакна Османи.
Од ресороното министерство посочуваат дека Османи пред првите луѓе за надворешни работи на Европскиот парламент и европратениците побарал поддршка и поттик за Северна Македонија да продолжи, како што рекол, со позитивниот тренд на промени.
„Јас, како политичар, не верувам во замрзнати конфликти, само во замрзнати решенија! Потребен ни е рецепт за успех, а не за катастрофа. Целта во разговорите со соседна Бугарија е да се врати довербата во процесот, да се надминат предизвиците кои произлегуваат од различните толкувања и да се најдат точки за приближување и заедничко обележување на историски настани и личности. Меѓусебното почитување и разбирање треба да бидат основа на секое вистинско пријателство. Така гледам на овој проблем, така и ќе го надминеме, со дипломатија и дијалог“, нагласи Османи.
Министерот пред пратениците ги презентираше и реформските постигнувања на земјата во изминатиот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

