Македонија
Османи – Турковиќ: Двете земји имаат јасна аспирација за членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, оствари средба со заменик-претседавачот на Советот на министри и министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, која престојува во работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата на двајцата министри беше изразено заемно задоволство за динамиката со која се развиваат односите и соработката меѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Беше изразена подготвеност за интензивирање на секторската соработка, пред сè, на економската размена, која заостанува во однос на многу добрите политички односи.
Османи упати честитки за доделувањето кандидатски статус на Босна и Херцеговина за членство во ЕУ нагласувајќи дека тоа е позитивен сигнал во контекст на заокружувањето на европската иднина на регионот.
„Двете земји имаат јасна аспирација за членство во ЕУ и минатата година постигнавме сериозен напредок – ние, почнувајќи ги преговорите, а Босна и Херцеговина во добиениот кандидатски статус. Со оваа одлука се испраќа позитивен сигнал за кредибилна европска перспектива на сите земји од Западен Балкан и оттука таа има исклучително значење за стабилноста, просперитетот и за европската иднина на целиот регион“, нагласи Османи изразувајќи ја притоа подготвеноста на Северна Македонија да ѝ помогне на Босна и Херцеговина во нејзините евро-атлантски аспирации и реформите што треба да ги спроведе.
ЕУ-кандидатскиот статус за Босна и Херцеговина е јасна порака и во однос на сецесионистичките тенденции, со кои се загрозуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.
Како актуелен претседавач со САД – Јадранската повелба (А5), Северна Македонија работи на нов стратешки концепт на Повелбата, кој треба да ја зајакне улогата на А5 во регионот, но и да ги приспособи неговите цели и мисии во согласност со новите безбедносни предизвици. Воедно, двете земји ја реафирмираа политиката на отворени врати на А5 и идно проширување со нови земји членки.
Османи ја запозна министерката Турковиќ и со приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.
„Како претседавач што доаѓа од регионот, особен фокус во нашата работа ќе имаат теренските мисии на ОБСЕ во Југоисточна Европа. Притоа значајно внимание ќе биде посветено и на работата на Мисијата на ОБСЕ во БиХ“, додаде тој.
Се разговараше и за потребата од засилена координација, со што ќе се овозможи поадекватен одговор на современите предизвици, како енергетската криза, одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

