Македонија
Османи – Шаленберг: Австрија останува силен поборник за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ

За време на работната посета на Виена, министерот за надворешни работи Бујар Османи остварил билатерална средба со сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг.
Од МНР информираат дека на средбата било изразено задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји, како и заемните заложби за натамошно зацврстување на пријателските и силни врски со акцент на економијата како еден од столбовите на односите на нашите две земји, изразувајќи надеж дека Австрија ќе продолжи и во иднина да претставува еден од најзначајните странски инвеститори во нашата земја.
Министерот Османи упатувајќи благодарност за силната и конзистентна австриска поддршка на европските интеграции на нашата земја, информирал за најновите внатрешнополитички состојби во Северна Македонија, како и за претстојните активности кои нашата земја треба да ги преземе во светло на процесот на пристапни преговори со Европската Унија.
Министерот Шаленберг изразил големо задоволство од отпочнатите преговори и ангажманот на Северна Македонија за деблокирање на процесот, упатувајќи порака дека неговата земја останува силен поборник за членство на сите земји од Западен Балкан во Европската Унија.
Биле разменети мислења и за руската инвазија врз Украина, заемно осудувајќи ги руските воени дејствија. Во овој контекст, министерот Османи истакнал дека Северна Македонија останува конструктивен партнер на ЕУ во одговор на кризата.
На средбата се дискутирало и за унапредување на мултилатералната соработка, со посебен акцент на претстојното претседавање на нашата земја со ОБСЕ во 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.