Македонија
Османи ќе го отвори младинскиот форум во рамките на претседателството со ОБСЕ

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, ќе ја отвори конференцијата за млади на тема „Младински иновации и претприемаштво: создавање одржлива иднина во регионот на ОБСЕ“, која се одржува во Скопје.
Овој младински форум е во рамките на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, а на него младински претставници од земјите учеснички во ОБСЕ преку интерактивни сесии ќе имаат можнот да дебатираат и да изнаоѓаат иновативни решенија за решавање на социјалните и еколошките проблеми во своите заедници.
Оваа конференција доаѓа како резултат на централните приоритети на претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, каде што интеграцијата на младинските перспективи во сите три димензии на Организацијата претставува многу важен дел, а резултатите и препораките што ќе произлезат од форумот ќе бидат презентирани и на министерскиот совет на ОБСЕ, кој ќе се одржи на крајот на овој месец во Скопје.
Воведната сесија ќе биде модерирана од специјалниот претставник за млади, Мемет Жаку, а покрај Османи, воведни обраќања ќе имаат и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер, и шпанскиот амбасадор во Северна Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)