Македонија
Османи: Ќе работам за укинување на визите со САД
Кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи, вети дека ќе ги заврши иницијативите почнати во рамките на Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави, вклучително и либерализацијата.
„Го почнавме овој процес и верувам дека многу брзо ќе можеме да станеме дел од Програмата за глобален влез (Global Entry Program). Покомплицирано ќе биде Visa Weiver, или целосното отстранување на визите со САД. Тоа значи донесување на некои нови закони и намалување на процентот на одбиени визи. Затоа, формирав меѓуресорско тело на ниво на Влада, кое го водев како министер за надворешни работи, но мислам дека како претседател ќе го издигнам на ниво на претседателство и ќе го водам од улогата на претседател, за да можам со овластување на претседателот брзо да ги одобриме сите мерки што ќе не направат подготвени да шетаме во САД без визи“, истакна Османи.
Во однос на консензусот за прашањето за интеграција во Европската Унија, Османи рече дека ќе ги собере сите политички чинители во државата за да се постигне консензус за партнерството со Соединетите Американски Држави.
„Еден од најважните државни консензуси ќе биде постигнувањето консензус за блиско партнерство со САД. Нема алтернатива кога станува збор за нашата безбедност, меѓуетничката хармонија, соседските односи и нашите евроатлантски амбиции”, истакна Османи, додавајќи дека зад секој успех на нашата заедничка држава стојат САД и нивните напори. “Тие се причината затоа што оваа земја денес е стабилна, затоа што оваа земја денес е мултиетничка и функционална, затоа што оваа земја е во НАТО, затоа што оваа земја е во мир и во економски развој и на пат кон членство во ЕУ“, рече Османи.
Во овој контекст, Османи го оцени како опасно јавното говорење на политичките противници за кршење на партнерството со САД, Договорот од Преспа и Договорот за пријателство со Бугарија, што, според Османи, ќе ја претвори земјата во, како што рече, „слепо црево” на Балканот, каде што никој нема да влезе ниту да излезе”.
Во денешната отворена дискусија на тема „Зајакнување на стратешките партнерства со САД и ЕУ и адекватно меѓународно етаблирање преку надворешната политика“, Османи, меѓу другото, најави економски караван со сите стопански комори во САД, неколку пати во годината, со цел поврзување на нашите бизниси со американски бизниси, привлекување американски инвеститори да инвестираат во нашата земја и евентуално обезбедување можности за нашите бизнисмени да инвестираат на американско тло.
На јавната дебата со свои обраќања учествуваа заменик главниот преговарач и државен секретар во СЕП, Дрита Абдиу Халили, поранешен амбасадор, Енвер Абдулахи и универзитетскиот професор Пајтим Саити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По срамниот настап во Собранието, Џихан Ахмед ја повлече кандидатурата за членка на комисијата за заштита од дискриминација
Џихан Ахмед ја повлече својата кандидатура за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, откако нејзиниот настап во Собранието предизвика бурни реакции и остри критики од јавноста.
Ахмед испратила известување до Собранието дека ја повлекува кандидатурата.
На прашање од претставници на граѓанските организации во Собранието, таа не успеа да покаже основно познавање на Истанбулската конвенција која е клучен меѓународен документ за заштита на жените од родово-базирано насилство и дискриминација.
Ахмед зборуваше за Истанбул како град и за историскиот период на Мустафа Кемал Ататурк и мислеше дека е прашана за тоа каква е состојбата денеска во Истанбул.
Ахмед дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан први“, а магистрирала на Европскиот универзитет.
Македонија
(Видео) Филипче: Поддршка за протестот на работниците, платите за време на СДСМ драстично пораснаа
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска изрази целосна поддршка за протестот на Сојузот на синдикати на Македонија и за барањата на работниците упатени до Владата.
„Вчера попладне имавме состанок на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и зазедовме став да се поддржи денешниот протест на Сојузот на синдикати на Македонија и да се поддржат барањата коишто работниците ги имаат до Владата. Сметам дека барањата се реални, дека се објективни, дека поголема плата е заслужена и вистински потребна и за преживување на работничките семејства во државата. Јас жалам што завршија добрите пракси од минатото, од времето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија кога во континуитет растеа и минималната плата и просечната плата. Минималната плата скоро се дуплираше и просечната плата исто, и тоа во време на најголеми кризи како што светот немаше видено тогаш, ковид кризата и енергетската криза“, истакна Филипче.
Тоа, како што рече, е резултат на една добро водена економска политика во државата, кога во државата имаше и добра реализација на капитални инвестиции, кога имаше и странски инвестиции, а сето тоа во оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, го нема, лошо функционира.
„Едноставно сме соочени со ситуација во којашто се што владата прави се само нови и нови задолжувања, кои што ќе ги враќаат следните генерации. Даваме максимална поддршка за денешниот протест. Жалам што пред неколку месеци оваа власт не го поддржа нашиот предлог за зголемување на минималната плата. Ние ќе продолжиме и понатаму, во следниот период да изнаоѓаме и предлагаме законски решенија со што ќе го подобриме стандардот на граѓаните“.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Наградата „Феникс“ е силна порака дека Центар ги вреднува знаењето, талентот и истрајноста
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја додели највисоката општинска награда „Феникс“ за постигнувања во науката, уметноста, културата, спортот, воспитувањето и образованието за 2025 година.

Герасимовски потенцираше дека Општината и Советот ќе продолжат да ги поттикнуваат и вреднуваат трудот и успехот на своите жители.

„Наградата е признание за посветеноста и талентот на нашите сограѓани, кои ја афирмираат Општина Центар на домашната и меѓународната сцена. Особено ме радува фактот што добитниците се млади центарци, кои допрва ќе го градат својот живот и кариера“, нагласи Герасимовски, честитајќи им на наградените.
Тој им посака да продолжат со усовршување во науката, на спортските терени и во уметноста.

Добитници на „Феникс“ се:
Софија Пиштолова, ученичка во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ – модерни танци
Марко Татули, ученик во СУГД „Методија Митевски Брицо“ – боречки спортови
Кристијан Јанев, ученик во СУГД „Орце Николов“ – тенис
Тамара Танеска, ученичка во ООУ „Кочо Рацин“ – природни науки
Виктор Вранишкоски, ученик во ООУ „Коле Неделковски“ – пливање
Томи Тодоровски, ученик во ООУ „Киро Глигоров“ – триатлон
Наградените добија дипломи и паричен износ од 30.000 денари.

Признанието „Феникс“ го носи името на митолошката птица феникс, симбол на Општина Центар, кој ја претставува истрајноста, обновата и успехот.

