Македонија
Османи ќе се обрати пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк и пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, на една година од руската инвазија врз Украина, ќе се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, на отворената дебата за Украина на тема „Зајакнување на одговорноста и правдата за прекршување на меѓународното право“.
Обраќањето доаѓа по вчерашната 11. специјална итна седница на Генералното собрание на ОН, каде што Османи упати силна осуда за воената агресија на Руската Федерација врз Украина и каде што со 141 глас „за“ се усвои Резолуцијата за праведен и траен мир во Украина.
Повод од навршувањето една година од инвазијата на Руската Федерација врз Украина е и неговото денешно обраќање пред Постојаниот совет во Виена, каде како претседавачот со ОБСЕ ќе се приклучи преку видеолинк. Во своето обраќање тој ќе се осврне на цивилните страдања во изминатите 12 месеци и ќе ја повика Руската Федерација да ги повлече своите воени сили од Украина и да се придржува на принципите и вредностите на ОБСЕ.
Воедно, во својство на претседавач со ОБСЕ тој и вчера преку видеообраќање се обрати во Виена на зимската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ. Во својот говор тој уште еднаш потсети дека овој состанок доаѓа во многу тешки моменти за целата европска безбедносна архитектура, како и за самата организација, повикувајќи ги земјите учеснички да ја задржат вербата во ОБСЕ, да ја поттикнат политичката волја и да ѝ овозможат на организацијата да го продолжи својот уникатен мандат.
Во текот на денот Османи исто така во Њујорк оствари средба и со потсекретарката на ООН за политички и мировни прашања, Розмари А. ди Карло, како и билатерални средби со министрите за надворешни работи на Естонија и Унгарија.
На средбата со Ди Карло, Османи уште еднаш ја повтори пораката дека дипломатијата е единствено решение за вознемирувачките случувања на теренот, но разговараа и за зајакнување на улогата на Обединетите нации во справувањето со глобалните предизвици.
„ОН е еден од најблиските партнери на ОБСЕ уште од 1993 година, со потпишување на рамката за соработка и координација. На нашата заедничка агенда, меѓу другото, е и решавање на конфликтите и градење на мирот. Во сегашните околности свесни сме дека постои континуирана потреба за справување со долготрајните конфликти во регионот на ОБСЕ и како претседавач во 2023 година Северна Македонија во согласност со своите приоритети ќе се обиде да најде решение избегнувајќи дополнителни ескалации“, истакна Османи на средбата со Ди Карло.
За време на разговорот со потсекретарката на ОН, тој се осврна и на континуираниот ангажман на ОН во Северна Македонија за кој рече дека придонесува за зајакнување на нашиот капацитет во клучните сектори со цел да се исполнат барањата за пристапување во ЕУ: реформите во областа на доброто владеење, борбата против корупцијата, реформите на судството, како и зајакнувањето на социјалната кохезија.
На средбата со министерот за надворешни работи на Естонија, Урмас Реинсалу, Османи зборуваше за зајакнувањето на односите меѓу двете земји и продолжување на трилатералниот проект во областа на дигитализацијата за спроведување на естонското искуство во дигиталната трансформација во Северна Македонија.
Фокус на средбата со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, пак, беше унгарската поддршка во нашиот евроинтегративен процес, со кого, меѓу другото, се осврнаа и на динамичната економска соработка меѓу земјите во поглед на енергијата, земјоделството, водостопанството, образованието, науката и технологијата, туризмот, како и климатските промени.
Билатералните средби на Османи во Њујорк продолжуваат и денес, а на 25 февруари се очекуваат средби со дијаспората.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

