Македонија
Османи: Ќе се продлабочи билатералната соработка меѓу Шведска и Северна Македонија
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи во рамките на својата посета на Кралството Шведска оствари одделни средби со претседателот на Парламентот на Кралството Шведска, Андреас Норлен, како и со Министерот за меѓународна развојна соработка, Питер Ериксон.
На средбите, покрај европските перспективи на земјава, беа отворени темите за билатералната развојна соработка, како и за парламентарната соработка помеѓу двете земји.
„Радува фактот што Република Северна Македонија останува на агендата за развојна соработка на Шведска и во претстојниот период, што на дело го демонстрира континуираното проширување на нашата билатерална развојна соработка, која е од исклучително значење за нас во овој круцијален период на интеграција на земјава во ЕУ„ – изјави Вицепремиерот Османи на средбата со Министерот Ериксон, пренесувајќи ја благодарноста за оваа поддршка во име на Владата на Република Северна Македонија.
За време на средбата Османи, во улога на Национален координатор за странска помош, нагласи дека од фундаментално значење за нас е поддршка која земјава ја добива од Канцеларијата на УНОПС во Скопје, која како агенција е задолжена за спроведување на проектот „Нордиски напредок“, и изрази уверување дека истата ќе придонесе за поефикасна и зголемена развојна проектна соработка.
Во рамки на работната посета на Шведска Османи ќе оствари средба и со Министерот за европски прашања, Ханс Далгрен
Посета на Кралството Шведска претставува дел од турнејата на Османи за посета на европските метрополи пред одржување на Европскиот совет во октомври, која продолжува со посета на Брисел, по што следат Берлин, Варшава итн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)

