Македонија
Основана нова политичка партија Движење за демократија, права и слобода

Политичката сцена во Македонија доби нова политичка партија Движење за демократија, права и слобода (ДПС)
На основачкото собрание одржано во Битола за претседател на ДПС е избран Един Јакуповиќ, кој во своето кусо обраќање изјави дека ја прифаќа одговорноста да го предводи ДПС со тим што е составен од многу млади, но и веќе докажани соработници и активисти, кои долго време заедно со него ја воделе битката за демократија, права и слободи во општеството.
„Во членството на ДПС има плејада нови луѓе без претходен каков било политички багаж, лица што се професионалци во своите области и кои заедно ќе се залагаат за вреднување на демократските принципи и начела“, велат од партијата.
Во текот на наредната недела ДПС ќе има и редовна седница на централниот одбор, каде што ќе се избираат претседателство и избор на други партиски раководства на ДПС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Ѓорче Петров првпат распишува јавен повик за субвенции за клима-уред или топлотна пумпа

Во насока на промовирање на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина, Општина Ѓорче Петров за прв пат распишува јавен повик за доделување субвенции за граѓаните кои набавиле клима уред или топлотна пумпа за затоплување на своите домаќинства.
Право на аплицирање имаат сите жители на територијата на Општина Ѓорче Петров кои:
· имаат пријавено живеалиште на подрачјето на општината;
· набавиле клима уред или топлотна пумпа во периодот од 01.01.2025 до 30.06.2025 година;
· не се приклучени и немаат можност за приклучок на централно градско греење;
· претходно користеле печка на дрва, јаглен, нафта или мазут и се согласуваат да ја предадат на Општината;
· не користеле претходно субвенции за набавка на пелет печка или инвертер.
Општината субвенционира:
· до 50% или максимум 15.000 денари за клима уред;
· до 10% или максимум 21.000 денари за топлотна пумпа.
Дополнително, данокот на личен доход кој произлегува од исплатената субвенција ќе биде покриен од страна на Општината.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, во својата објава на социјалните мрежи истакна дека оваа мерка е дел од општинската програма за заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на воздухот. „Со оваа поддршка, ги стимулираме граѓаните да се ослободат од штетните и застарени начини на затоплување како што се печките на дрва, мазут и јаглен, и да преминат кон поеколошки и економични решенија,“ нагласи Стојкоски.
Документацијата се поднесува во затворен плик во архивата на Општина Ѓорче Петров, секој работен ден од 08:30 до 15:00 часот. Повикот ќе биде отворен до 30.06.2025 година, односно до исцрпување на предвидените буџетски средства. Пријавите ќе се разгледуваат по редослед на пристигнување, исклучиво доколку документацијата е комплетна.
Македонија
(Видео) Мицевски: „Аудито“ од 130 илјади евра е на Филипче, тој што му го купил и го потврди, ЈО да отвори постапка

Аудито од 130 илјади евра е на Филипче, тој што му го купил го потврди истото, ЈО мора да отвори постапка, вели Јане Мицевски, пратеник и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Енис Колашинац, газдата на фирмата Зобек мининг груп, кој го земала на лизинг луксузното ауди Q8 кажа дека истото го земале за Венко Филипче и дека истото сега се наоѓа во владение на претседателот на СДС. Колашинац не е било кој бизнисмен, тој е бизнисменот кој го снабдуваше ЕСМ со јаглен во време на СДС и бизнисменот кој заедно со Филипче и браќата Заеви се журкаа на Харис Џиновиќ во Дубаи“, рече тој.
Мицевски додаде дека обвинителството мора да отвори постапка против Венко Филипче.
„За ист ваков случај веќе има отворено постапка против Пеце Мирчевски, поранешен директор на СОЗР од СДС. Зошто Филипче е привилегиран? ЈО мора да почне да работи“, рече тој.
Македонија
Францускиот амбасадор во официјална работна посета на „Алкалоид“

Делегација од Амбасадата на Франција, предводена од Н. Е., г. Кристоф Ле Риголер, оствари работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје. Во рамките на посетата, чиј домаќин беше Генералниот директор и Претседател на УО, г. Живко Мукаетов, дипломатскиот тим имаше можност да се запознае со работењето на компанијата, финансиските резултати, деловните активности, како и со производствените перформанси и продуктното портфолио.
Деветдецениската корпоративна историја и постапниот раст и развој на „Алкалоид“ на Амбасадорот Ле Риголер му беа презентирани низ обиколка на компанискиот Музеј, во кој хронолошки, во декаден след, е претставена трансформацијата на „Алкалоид“ од скромен фармацевтски локалитет во современ глобален бренд зад кој стојат над 3.000 исполнителни вработени.
Официјалната работна посета на француската дипломатска делегација вклучи и обиколка на производствените капацитети во сегментот ПЦ ‘Фармација’, како и посета на компанискиот Институт за истражување и развој, каде беа презентирани современите технолошки процеси и иновативниот пристап во развојот на нови фармацевтски формулации и производи.
Во фокусот на работната средба се најдоа и клучните стратешки определби на компанијата – силно изразената извозна ориентација, континуираните капитални инвестиции, вложувањата во програмски инструменти за едукација и доквалификација на вработените, навременото воведување и одличната реализација на ESG-стандардите, општествено одговорните проекти, како и стратешката посветеност кон одржлив раст и пазарна диференцијација во глобални рамки.
Франција е една од водечките земји во светската фармацевтска индустрија и претставува значаен меѓународен партнер за „Алкалоид“, со долгорочна и успешна соработка со повеќе водечки француски фармацевтски компании, меѓу кои: „Sanofi Aventis“, „Sanofi Pasteur“, „Ethypharm“, „Saint Gobain“ и други. Франција е меѓу петте најголеми фармацевтски пазари во светот. Високоразвиената француска фармацевтска индустрија во просек учествува со околу 3% во вкупното глобално производство на лекови, со значаен придонес во истражувањето, развојот и извозот на фармацевтски производи.
Официјалната работна посета на францускиот Амбасадор е од особено значење за компанијата и претставува одлична можност за продлабочување на досегашната соработка и за изнаоѓање нови форми на синергија меѓу „Алкалоид“ и француските фармацевтски компании.
ПР