Македонија
Основното јавно обвинителство Скопје привршува со изведување докази во предметот за измама во приватна клиника
Надлежниот јавен обвинител од ОЈО Скопје е во завршна фаза со изведување на обемниот доказен материјал во предметот за кривично дело – измама против сопственик на приватна здравствена установа и против клиниката. Во текот на доказната постапка Обвинителството изведе материјални и вербални докази, мислења на стручни авторитети, како и докази за јавни настапи, со кои обвинетиот лажно ги презентира фактите во однос на употребата на хемофилтрацијата.
Во текот на изведувањето на доказите Обвинителството беше и останува воздржано во однос на јавно пласираните целосно лажни информации за текот на судската постапка, цврсто држејќи се на ставот дека своите аргументи ќе ги изложува единствено во судницата, со максимално почитување на Законот за кривичната постапка.
Меѓутоа, од почетокот на судскиот процес, преку медиумите, во кои како огласувач се јавува обвинетото правно лице, се забележуваат обиди да се врши притисок врз сведоците и врз предметниот јавен обвинител со цел да се дискредитира обвинението, кое е поткрепено со докази во однос на сите елементи на кривичното дело што се става на товар на обвинетите. Наведените објави се неверодостојни, односно не одговараат на вистинскиот тек на судската постапка и на содржината на исказите дадени пред судот, а некои од сведоците реагираат дека им предизвикуваат вознемиреност и ги чувствуваат како форма на притисок.
Поднесениот обвинителен акт во овој предмет веќе ја помина првата проверка на судот во однос квалитетот и дозволеноста на предложените докази и во целост беше одобрен од судијата за испитување на обвиненија.
Во тековни постапки, кои сè уште не се завршени и кои сè уште се испитуваат сведоци и оштетени, важно е јавноста да биде објективно информирана. Одговорноста за изнесување ставови во врска со текот на судска постапка е уште поголема за претставници од стручната правна фела, кои во конкретниот случај коментираат и заземаат став во корист на обвинетиот со произнесување докази, кои сè уште не се изведени пред судот, а без притоа воопшто да присуствуваат на судските рочишта.
Некои од ваквите објави содржат директни навреди и обиди за дискредитација на надлежниот јавен обвинител, што заедно со многубројните обиди на одбраната за одолжување на постапката, само укажува на силата на доказите изведени до сега пред судот.
Основното јавно обвинителство Скопје е целосно уверено дека намерното лажно претставување на исказите на сведоците и отворените јавни притисоци во овој предмет нема да влијаат врз исходот на постапката и дека судот ќе донесе мериторна одлука врз основа на изведените докази. Следното судско рочиште е закажано за понеделник, 8 април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во израелски напади во Газа убиени 17 лица, меѓу нив шест деца
Во израелски напади на северот и југот на Појасот Газа убиени се најмалку 17 Палестинци, меѓу кои и шест деца, соопштија локалните болници, пренесе Би-Би-Си.
Израелската војска наведува дека нападите уследиле откако, според нив, „терористи отвориле оган и тешко раниле еден војник“ на северот на Појасот Газа, во близина на таканаречената Жолта линија, која според договорот за прекин на огнот со Хамас означува територија под контрола на Израел. Како одговор, биле изведени прецизни удари од копнени и воздушни сили, поради, како што наведуваат, „очигледно кршење“ на примирјето.
Болницата Ал-Шифа во Газа соопшти дека примила тела на 13 лица, меѓу кои пет деца, по напади врз шатори и домови во источните квартови Зеитун и Туфа. Во болницата Насер во Хан Јунис биле донесени тела на уште четири жртви, меѓу кои и едно дете.
Од стапувањето во сила на примирјето на 10 октомври, Израел и Хамас речиси секојдневно меѓусебно се обвинуваат за негово кршење. Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, наведува дека од тогаш во израелска ватра загинале најмалку 529 луѓе, додека Израел соопштува дека во палестински напади загинале четворица нивни војници.
Македонија
СДСМ му оддаде почит на македонскиот великан Гоце Делчев
Делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, денеска оддаде почит и се поклони пред ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Идеалите на Гоце Делчев за слободна, праведна и напредна Македонија и денес се силен потсетник дека иднината се гради со храброст, знаење и единство. Наша должност е да ги чуваме и живееме тие вредности, секој ден.
Нека е вечен споменот на македонскиот великан Гоце Делчев“.
Македонија
Мицкоски: Очекувам раководството на ССМ да излезе од партиската прегратка и да се договори со Владата во интерес на административците
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека очекува неколкумина од раководството на Сојузот на синдикати да излезат од, како што рече, партиската прегратка и да постигнат договор со Владата во интерес на работниците, односно на административните службеници.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со утрешната средба со УПОЗ и очекувањата, Мицкоски нагласи дека дел од вработените во јавната администрација сè уште немаат договорен Колективен договор со Владата.
„Очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати и да се договорат со Владата во интерес на работниците, односно во интерес на административните службеници, бидејќи уште тие, како што многу пати кажав во минатото, уште тие 7.700–7.800 наши колеги немаат со Владата договорен Колективен договор, сите останати имаат“, изјави премиерот.
Тој додаде дека со ваквиот договор Владата, како работодавач, ќе ги заокружи односите со сите вработени до истекот на мандатот.
„Со ова, Владата како работодавач ги заокружува односите до истекот на мандатот на оваа Влада, до 2028 година, со сите оние на чии работодавач директен или индиректен е Владата“, рече Мицкоски.

