Македонија
Осуденици од „Идризово“ тврдат дека затворски полицајци ги уценуваат
Управата за извршување санкции, на 19.9.2023 година, изврши вонреден надзор во КПД „Идризово“ со цел да се проверат наводите на осудените лица Тони Денковски и Јанко Јаневски за закани за животот, рекет и уцени.
Во врска со наводите на Јанко Јаневски, кој издржува 9-годишна затворска казна, дека имал уцени и закани за животот да врати 4.000 евра во рок од 24 часа, Управата за извршување санкции изврши разговор со двајца припадници на затворската полиција, кои тврделе дека биле измамени од Јаневски, кој им побарал по 2.000 евра ветувајќи им дека ќе бидат префрлени со работа во МВР. Вкупната сума од 4.000 евра му ги исплатиле на негов пријател во трговскиот центар „Сити мол“. Командирите, по извесен период, сфатиле дека се измамени и настанот го пријавиле во ПС Кавадарци.
Службените лица од Управата разговараа и со осуденото лице Јанко Јаневски, кој појаснил дека никогаш не зел пари од припадници на затворската полиција, туку, напротив, дека лично тој му давал пари на Киро Димов, припадник на затворската полиција. Осудениот Јаневски парите ги добивал од спортско обложување, кое се организирало во установата и на неколку наврати му позајмувал пари на Димов. Потоа почнал да му се заканува преку осудени лица за враќање на долгот во рок од 24 часа. За наводите дека припадникот на затворската полиција зел пари од Јаневски, потврдиле и две други осудени лица.
Во однос на осуденото лице Тони Денковски за неговата поплака дека му е нарушена безбедноста и дека има закани и уцени од страна на осудени лица и припадници на затворската полиција за што е поднесена и пријава до Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, од разговорот со него тој не посочил конкретни имиња на осудени лица или припадници на затворската полиција поради што не можело да се проверат неговите наоди. За Денковски, во дневните билтени не е евидентиран некаков настан или физички напад на ова лице, а преземени се и мерки за заштита на неговата безбедност, сместен е сам во соба и сам оди на прошетка.
До денот на извршениот надзор осуденото лице Тони Денковски нема поднесено барање за преместување во друга установа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

