Македонија
Петровска – Арилд Греам: Норвешка на Македонија ќе ѝ донира повеќе од 70 возила
Сојузничкото единство во зацврстувањето на безбедноста на НАТО, безбедноста во Европа по руската агресија врз Украина, како и развојот на билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Кралството Норвешка беа темите на кои денеска во Министерството разговараа министерката Славјанка Петровска и норвешкиот министер за одбрана, Бјорн Арилд Грам, кој престојува во официјална посета на нашата држава.
Петровска порача дека нашата држава недвосмислено и одлучно ги ратификува пристапните протоколи и за Финска и за Шведска и додаде дека НАТО не е закана за никого, но е обединето во заштита на целата територија на алијансата.
„Северна Македонија недвосмислено и одлучно ги ратификува пристапните протоколи и за Финска и за Шведска уште еднаш потврдувајќи ја нашата заложба за политики на отворени врати на НАТО кога станува збор за нејзиното проширување. Заедно ја осудивме бруталната руска агресија врз Украина и порачавме дека НАТО не е закана за никого, но НАТО е единствено и обединето во безбедноста на секоја педа сојузничка територија“, рече Петровска.
Порача дека државата инвестира во одбраната и дека в година ќе одвои 2 процента од домашниот бруто-производ за одбрана, од кои над 30 % за опремување и модернизација.
Петровска се заблагодари за норвешката поддршка, која и за 2023 година е сеопфатна.
„Областите во кои соработуваме се многубројни – воена едукација, заеднички обуки, експертски разговори за градење на нашите капацитети, особено во контекст на целите на способности на НАТО, како и воено-медицинска поддршка. Изминатиот период имавме навистина конструктивна и плодна соработка, која дава реални и опипливи резултати. Благодарни сме за вашата поддршка и остануваме силно посветени на нејзин развој и во иднина“, истакна таа.
Норвешкиот министер истакна дека Норвешка и Северна Македонија оваа година одбележуваат 30 години силни дипломатски односи, како и дека соработката помеѓу двете земји дополнително зајакна со приемот на Северна Македонија во НАТО во 2020 година.
„Многу е практично што во НАТО седиме едни до други, што е уште еден симбол дека стоиме рамо до рамо и во НАТО и во нашата билатерална одбранбена соработка. Норвешка на вооружените сили на Северна Македонија ќе ѝ донира повеќе од 70 возила, таа исто така поддржа неколку програми во одбранбениот сектор во Северна Македонија за усогласување на родовите прашања, проектот за борба против корупцијата и интегритетот во одбраната. Очекуваме да ја продолжиме оваа соработка и во соработка со инженерскиот баталјон, како и алпинистичка обука. Со задоволство очекувам да продолжиме да ги развиваме соработка и односите помеѓу нашите две земји во годините што доаѓаат“, потенцира министерот Арилд Грам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Православните верници денеска слават втор ден Велигден и Ѓурѓовден
Денес, освен вториот ден од Велигден, се празнува и Ѓурѓовден, празник во чест на Свети великомаченик Георгиј Победоносец, празникот на обновувањето на природата и на животот воопшто.
Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се празнува на 6 мај според новиот или на 23 април според стариот календар.
Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
Македонија
Времето денеска сончево, од среда пороен дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне во планинските региони ќе има услови за изолирана појава на краткотраен пороен дожд. Минималните температури ќе бидат во интервал од 3 до 10, а максималните ќе достигнат од 20 до 26 степени.
Во Скопје ќе преовладува сончево време со мала облачност и со слаб ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се спуштат до 8, а максималните ќе достигнат до 26 степени.
Во вторник попладне ќе има локална појава на нестабилност, а во среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, а локално процесите ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер. Потоа условите за нестабилно време ќе се намалуваат.
Македонија
Мециновиќ: На носителите на ЗНАМ, на личните профили им стојат слики со Заев и Пендаровски
– На носителите на ЗНАМ, уште на личните профили им стојат слики за поддршка на Заев и Пендаровски. Тоа се поддршки што јавно им ги дадоа, така што сегашното нивно делување е малку повеќе лицемерно од нивна страна – истакна Носителот на ИЕ2 и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, во дебатата на ,,24 Вести”.
Според Мециновиќ, СДСМ ако ја примеа пораката, немаше Оливер Спасовски да биде носител во ИЕ2, после скандалите со пасошите за белосветски криминалци, за голготата за македонските граѓани со пасошите и за бегството на Груевски:
– Од друга страна, за СДС имам конкретна порака, но СДС не ја прима пораката! Пораката не е примена, затоа што нивниот носител во Двојка имаше страшни резултати. Имаше: од бегството на Груевски до оваа голгота што им се случи со пасошите на граѓаните и во меѓувреме – издавањето на пасоши за белосветски криминалци.
Говорејќи за Францускиот предлог и за ненаситноста кон бизнис – интересите од страна на СДСМ, Мециновиќ рече:
– Исто така, не ја примија ни пораката кога народот го отфрли Францускиот предлог. Не ја примија ни пораката кога Заев го изгуби легитимитетот, така што на сила се одржаа на власт до 2024 год. Практично, за да ги задржат нивните бизнис – интереси.
Мециновиќ постојано става акцент и на неоспорниот факт дека челниците од ЗНАМ го избришаа АСНОМ од Уставот:
,,ЗНАМ го избришаа АСНОМ од Уставот кога го носеа Преспанскиот, со оглед на фактот дека тогаш беа дел од раководството на тогашното СДС. Затоа, целата нивна сегашна реторика е лицемерна”.
Левица е единствена искрена, чесна, неподмитлива опција, која се бори за нулта – корупција, радикални промени во системот и нуди решенија за сите целни групи граѓани во Македонија:
,,На 8 мај, заокружете го број 5! Искористете го своето право на глас и гласајте за Левица! Со повеќе пратеници во Парламентот, борбата ќе биде посилна!”