Македонија
Петровска за Косово: Време е политичките лидери да носат мудри одлуки, ја следиме состојбата, граѓаните се безбедни
Министерката Славјанка Петровска денеска на прес-конференцијата со норвешкиот министер за одбрана, Бјорн Арилд Грам, на новинарско прашање зборуваше и за состојбата на Косово, при што изрази силна осуда за нападот на косовската полиција и порача дека тоа е показател дека и Белград и Приштина мора интензивно да работат на дијалогот додека не биде предоцна.
„Одблиску ја следиме состојбата во Косово не само како наш сосед, меѓутоа и како земја членка на алијансата, која со свои трупи учествува во рамките на КФОР-мисијата. Како министерка за одбрана апсолутно го осудувам нападот над косовската полиција, изразувам жалење кон семејството и се надевам на брзо закрепнување на повредените. Меѓутоа, ова е само уште еден показател дека и Белград и Приштина мора интензивно да работат на дијалогот додека тоа не биде предоцна. Одговорноста на секој еден од нас што седиме на одредени политички позиции во дадени моменти во државите е да носиме одлуки со кои ќе носиме мир и просперитет на граѓаните, а нема да создаваме конфликти и поделби“, рече министерката.
За Република Северна Македонија, истакна Петровска, приоритет е ситуацијата во Косово и во регионот да биде стабилна, сè со цел да продолжат процесите, особено интегративните процеси на сите држави од регионот. „Време е на носење мудри одлуки, од кои граѓаните во државите ќе видат бенефит“, рече министерката.
На прашањето дали постои ризик за безбедноста на Северна Македонија, министерката Петровска истакна дека македонските институции ја следат состојбата и дека Северна Македонија и граѓаните се безбедни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).