Македонија
Независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ бараат судот да ги почитува одредбите од Законот за амнестијата
Во врска со настаните од 27 aприл, за кои во моментот се води судски процес, а кој беше дел од процесот за помирување преточен во Закон за aмнестијата, од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, преку соопштение реагираа посочувајќи дека Јавното обвинителство во текот на завршното обраќање не ги почитувало одредбите од членот 1 од Законот за амнестијата.
Во соопштението на осумте независни пратеници се додава дека во Законот за амнестијата многу прецизно е дефинирано за какви дела треба да продолжи судскиот процес.
„Од таа причина сакаме да истакнеме дека почитувањето и спроведувањето на законот е императив за владеење на правото. Затоа, апелираме до судот доследно да ги почитува одредбите од Законот за амнестијата, со оглед на доказите што беа изведени во текот на судскиот процес“, се вели во соопштението.
Според член 1 од Законот за амнестијата се пропишува осомничените, обвинетите и осудените за настаните од 27 април во Собранието да се ослободат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата осомничени и обвинети во судските постапки што се водат пред судовите на територијата на Македонија, а во врска со настаните во Собранието од 27 април 2017 година за кои постои основано сомнение дека до денот на влегувањето во сила на овој закон, сториле кривични дела во согласност со член 384 – учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство, во согласност со член 386 – насилство, во согласност со член 385 – учество во толпа што ќе изврши кривично дело и кривично дело во согласност со член 313 – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од Кривичниот законик и други кривични и прекршочни дела во согласност со позитивно-правните прописи во Македонија.
Понатаму, со овој закон се предвидува и осомничените, обвинетите и осудените за настаните од 27 април во Собранието да се ослободат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик и/или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон почнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

