Македонија
Осум возила за МВР донација од Германија
Заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, денеска, во Mинистерството за внатрешни работи, од заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, прими дел од донацијата од договорот за донација меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Сојузното министерство за внатрешни работи, градежништво и татковина на Сојузна Република Германија, потпишан на 10.10.2019. Станува збор за осум возила „дачија дастер“ во вкупна вредност од 129.200 евра, со што вкупната вредност на донирани средства досега изнесува 1.082.285 евра.
„Би сакал да ја искористам оваа пригода да ѝ се заблагодарам на Сојузна Република Германија за поддршката на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во вид на донации на техничка помош и возила, со кои значително се подобри операбилноста на нашата полиција, а особено на граничната полиција во вршењето надзор и унапредување на безбедноста на државната граница, како и во насока на успешно справување со предизвиците од илегалната миграција“, рече заменикот Нухиу на состанокот по повод примопредавањето на донацијата.
„Со тоа уште еднаш се потврдува нашата одлична соработка, како и заедничките заложби за справување со предизвиците од заканите по јавната безбедност, како и справување со предизвиците од илегалната миграција, што се поедноставува со потпишувањето на договорот за соработка во борбата против криминалот помеѓу нашите две држави. Тоа е од особена важност за нас како држава, но и за регионот на Западен Балкан и Европа воопшто“, истакна заменикот Нухиу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Две четиричасовни блокади на граничниот премин Евзони
Грчките земјоделци го затворија граничниот премин Евзони кон нашата земја за влез и излез од Грција за сообраќај на сите возила до 16 часот по грчко, односно 15 часот по македонско време, а за попладне планирана е втора четиричасовна блокада од 18 часот по локално време.
По пауза од четири дена и отворени автопатишта и гранични премини за време на Божиќ, земјоделците од денеска одново ги вратија блокадите на низа локации во цела Грција.
Македонија
Охриѓани ги разбуди земјотрес
Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван ноќеска во Охрид и околината. Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 2,2, а е почувствуван во 03:18 часот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека епицентарот потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга на околу 105 километри југозападно од Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

