Македонија
(Видео) Отворањето на Уставот сега е условено со избори од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеничката Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека без претходни избори овој пратенички состав на партијата нема да гласа за отворање на Уставот. Таа додаде дека остануваат на ставот оти нема да предложат ниту претставник во групата што работи на амандманите на уставните измени, а предводена од министерот за правда, Кренар Лога.
„Во понатамошната процедура за отворање на Уставот потребни се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. А пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во ваквата процедура за отворање на Уставот во овој пратенички состав, без претходни избори“, рече Панова.
Според неа, група за уставни измени треба да има во Собранието, а не во Министерството.
„Би коментирала за начинот на кој постапува Министерството за правда и за тоа што свикува одредени работни групи со работа што воопшто не е во надлежност на Министерството за правда. Ова е работа на Собранието и ако има каква било потреба, такви групи треба да бидат формирани во рамките на Деловникот и законите, воспоставена пракса или законски решенија во рамките на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ нема да делегира претставник во работните групи, нашиот став е веќе одамна кажан. Имавме предлог, кој власта го одби, а се однесуваше за измена на Уставот по теркот на хрватскиот модел. Претставниците на власта мудро молчат иако тие први го предложија таквиот модел. Ние нема да учествуваме во работните групи“, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Заедно со граѓаните и со опозициските политички партии отвораме фронт за правда
„Со неуставна Резолуција ДПМНЕ-ЗНАМ сакаат да ја задушат демократијата и слободата на говор во Македонија. Целта е по секоја цена да се обидат да ја замолчат опозицијата да зборува за темата мигранти и нивниот договор. Со забрани и закани за кривични пријави да нема дебата за она што тајно го договориле далеку од очите на јавноста“, велат од СДСМ.
„СДСМ тоа нема да го дозволи. Заедно со граѓаните и со опозициските политички партии отвораме фронт за правда.
Прв чекор ќе биде претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок која ќе ја поднесеме денеска.
Предавничката Резолуција е спротивна на Уставот во делот на основните човекови слободи и права а тоа е слободата на изразување и политичко делување.
Заедно со граѓаните Фронтот за правда ќе се бори за Македонија, за слободата и демократијата со сите демократски механизми.
Ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата!“, соопшти СДСМ.
Македонија
Спроведени 262 контрли на безбедноста на новогодишните пакетчиња, утврдени се минимални недоследности
Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за контрола на безбеднста на детските новогодишни пакетчиња. Надзорите беа спроведени во магацини за пакување на пакетчиња, маркети и продавници кои вршат промет со овој вид призводи.
Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите во пакетчето и заради некомплетни декларации, инспекциските служби на АХВ издадоа 4 решенија со наредба за повлекување од промет на новогодишни пакетчиња, а на двајца оператори со храна, издадени им се решенија со наредби за ставање на збирни декларации на пакетчињата.
Со спроведените 262 инспекциски контроли на безбеднсота на новогодишните пакетчиња, нема оператори со храна кои се парично казнети, ниту е поништена небезнедна храна.
Во споредба со лани спроведените контроли на безбедноста на оваа категорија производи, кога беше утврдено несоодветно означување на пакетчиња, немање декларации и наведен рок на употреба на збирно пакување, најдени беа и пакетчиња кои содржат производи со поминат рок на употреба и со краток рок на трајност на призводите како и производи со променети органолептички својства, годинава, кај операторите, утврдени се само минимални недоследности, извести АХВ.
И покрај тоа, АХВ и во нардниов период, особено пред и по новогодишните празници, ќе продолжи со спроведување на контроли за следење на безбедноста на оваа категорија производи, додаваат од Агенцијата во писменото соопштение.
Македонија
Дел од општината Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот корисниците на улиците Борис Сарафов и Атанас Иљоски (општина Ѓорче Петров).

