Македонија
Отворено писмо од „Еуромакс ресоурцес“
Почитувани,
Дозволете ни и во оваа пригода принципиелно да ги пренесеме изразите на почитување до граѓанското здружение „Здрава котлина“ – Струмица, за реализираното легитимирање во политичкиот изборен процес на претстојните локални избори преку свои кандидати за платени функции во општинските совети.
На јавноста ѝ е добро познато дека менаџментот на „Еуромакс ресоурцес“ посветено се залага за широка инклузивност и транспарентност преку конструктивен дијалог и соработка низ форма на партиципативна демократија со сите релевантни здруженија, кои како приоритет во нивниот граѓански активизам ја имаат заштитата на животната средина. Токму затоа, преку ова отворено писмо до лидерството на „Здрава котлина“ ја повторуваме поканата за заедничка работна средба. На таквата работна средба, во конструктивна атмосфера би ги разгледале и модалитетите за вашето активно учество во формирањето и функционирањето на независното мониторинг тело за постојан надзор и контрола, заедно со експертите од науката, претставниците од локалните управи и жителите од директно засегнатите општини. Согласно позитивната законска регулатива, ваквото независно тело ќе остварува неопходна соработка со сите надлежни државни органи и институции, како и со неодамна формираниот Граѓански инспекциски совет по иницијативата на „Зелениот институт“ и 26-те невладини организации.
Интересен е популистичкиот слоган „Стига Е“ со кој го промовирате вашето директно учество во овој политички изборен процес… и навистина „Доста Е!“, или крајно време е да се воздигнете и да се однесувате како високо одговорни граѓани чија цел не е само да ја кочат и забрануваат „по секоја цена“ (?) реализацијата на најголемата странска инвестиција, туку конструктивно да го подржат прогресот и благосостојбата на СИТЕ граѓани од нашата држава. Ова е посебно важно за вашите сожители кои очекуваат реални резултати со кои ќе се подобри квалитетот на нивното живеење – СЕГА И ВЕДНАШ! Само богати и економски развиени општини, региони и држави можат реално да си дозволат непречено реализирање на сите ветени инфраструктурни и комунални проекти, значително да инвестираат во потребната грижа за животната средина, да обезбедат високи стандарди и технички услови во делот на хигиената и здравјето на луѓето…. или воопшто во креирање на квалитетни параметри за современо и среќно живеење.
„Доста Е“ со досегашната радикална исклучивост, агресивност и говор на омраза кон сите оние кои различно размислуваат и делуваат. Секако, ние не ви сугерираме ниту, пак, очекуваме веднаш да ги промените вашите ригидни ставови во претстојната политичка кампања, но сепак се надеваме дека конечно ќе почнете со граѓанска креативност и позитивизам да пристапувате кон партнерскиот дијалог и заложбите за доследно имплементирање на строгите законски прописи, за примена на најновите технологии и добрите практики за одржливо рударство на 21 век, како и за континуирано спроведување на највисоките светски стандарди и критериуми за заштита на човековата средина.
Почитувано раководство на граѓанското здружение „Здрава котлина“, убедени сме дека на ваква работна средба преку цивилизиран дијалог, размена на релевантни информации и научно фундирана аргументација, заедно ќе успееме да го изградиме и оперираме современиот рударски комплекс за бакар „Иловица-Штука“ како „вин-вин“ капитална инвестиција од интерес на инвеститорите, националната економија и буквално сите граѓани на нашата држава без разлика на нивните политички, етнички, верски, полови и културни различности!
Со почит,
„Еуромакс ресоурцес“
(ПР-Текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

