Македонија
Отворен ден во Центарот за обука на пилоти
На денешниот отворен ден во Центарот за обука на пилоти присуствуваа голем број млади граѓани кои имаа можност да се уверат во капацитетите и условите со кои што располага Центарот и да поразговараат со дел од инструкторскиот кадар, како и со завршените кадети и пилотите од воздухопловната бригада.
„Горд сум што денес на овој отворен ден можам да кажам дека Армијата на Република Македонија ќе се збогати за уште три нови пилоти. Нема поголема инвестиција за секој млад човек од инвестиција во неговото образование и вештини што може да ги добие додека е млад. Јас ве повикувам да се пријавите на Конкурсот и да бидете дел од идната класа на пилоти кои ќе бидат дел од АРМ. Да се биде пилот е голема чест и човек мора да биде многу храбар за оваа професија. Ние сме многу горди на нашите храбри пилоти кои се дел од Армијата“, истакна министерот за одбрана, Зоран Јолевски на денешниот отворен ден во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“.
Тој додаде дека многу голем е предизвикот да се стане воен пилот, секогаш подготвен да го брани територијалниот интегритет на својата татковина, но и да биде од помош за своите сограѓани секогаш и секаде.
Министерот Јолевски упати порака до денешните посетители, млади, мотивирани луѓе со цврсто зацртана цел пред себе – да ги стават на тест своите капацитети и способности како дел од еден од најсофистицираните и технолошки најразвиените Центри за обука на пилоти во Европа. „Центарот за обука на пилоти кој е уникатен и капитален проект на Владата, заедно со партнерот од Израел, компанијата Елбит системи, ви нуди несекојдневна можност да завршите обука за воен пилот и да станете дел од Армијата на Република Македонија. Користејќи најсовремени методи во обуката, со искусни инструктори од земјава и од Израел, Центарот за обука на пилоти ќе ве воведе во сите тајни на пилотската професија“, рече Јолевски.
Директорот на Центарот, Јаари Шрага во своето обраќање најнапред упати честитки од негово и од име на целиот персонал на Центарот за обука на пилоти до кадетите Виктор Бојковски, Љубомир Панев и Никола Силигунис за успешно завршената осумнаесет месечна обука и им посака многу успех во новата професија како воени пилоти. Во пораката до идните пилоти тој додаде дека овој Центар ја нуди уникатната можност да се едуцираат и да се квалификуваат како професионални пилоти и дека ова е можеби единствената работа каде професијата и хобито се споени.
Во рамки на денешниот ден беа доделени сертификати за завршена обука на петтата класа кадети во Центарот. Кадетот Никола Силигунис во име на тројцата кадети кои ја завршија обуката упати благодарност на целокупниот персонал кој бил извор на поддршка и мотивација и до сите инструктори кои несебично ги споделувале своите искуства и знаење со цел пронаоѓање на патот до небесните височини./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

