Македонија
Отворен нов инфо-центар во Куклица
Амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Нарине Сахакјан, во Куклица го отворија новиот инфо-центар за посетители и туристи.
Споменикот на природата Куклица, познат по единствените камени формации, популарно наречени кукли, кои се резултат на милиони години ерозија, е позната атракција во Кратовскиот Регион и во земјата. Со децении недостигаат вложувања во зачувување и обезбедување на Куклица, кои се потребни за соодветно управување со ова заштитено подрачје.
Преку Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, вредна над четири милиони евра, за заштита и промоција на Куклица, беа обезбедени 65.000 евра. Оваа програма е финансирана од Европската Унија, а ја спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Новиот инфо-центар е дизајниран и е изграден во согласност со стандардите на Европската Унија во склад со главните карактеристики на Куклица и ќе придонесе за развој и промоција на туризмот и можности за вработувања. Дрвената градба вклучува и галерија со информации за споменикот на природата, пункт за продажба на сувенири и промотивни материјали, како и училница за одржување научни и други јавни настани.
Жбогар рече дека има два апела – еден до власта, еден до граѓаните.
„Првиот апел е до властите. Да бидеш горд, значи да бидеш и одговорен. Одговорен кон природата, природните убавини што треба да им ги предадеме на идните генерации. Охрид, Охридското Езеро, е бисер кој навистина е во опасност. Апелирам гордоста да не се претвори во срам. Втората порака е до граѓаните. Овде за проектот во Куклица сме партнери со УНДП и со Општината, со невладината организација ‘Извор’ помогнавме да се реконструира и заштити овој споменик на културата и да донесеме повеќе туристи. Туристите не доаѓаат овде за да гледаат расфрлани шишиња во тревата и затоа мојот апел до граѓаните е да бидете горди и да ја зачувате чиста околината. Слоганот на нашата кампања е ‘Чисто како дома исто’ и ‘Ајде да се обидеме да ја сочуваме природата’“, рече Жбогар.
Покрај инфо-центарот, со проектот се направени нови патеки и набљудувачки пунктови во Куклица. Со нив ќе им се обезбеди подобар пристап на посетителите, а во исто време подобра заштита на споменикот на природата и околината. За минимизирање на опасностите од штети од поројни дождови, исчистени се и реконструирани одводните канали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.

