Македонија
Отворен првиот Дневен центар за Даунов синдром

Денеска се отвори првиот Дневен центар за Даунов синдром во земјава. Новиот Центар се наоѓа зад Соборниот храм, на вкупна површина од 381 м2. Вкупната инвестиција на МТСП за овој центар изнесува околку 6 милиони и 500 илјади денари. Целата адаптација и опремување на овој дневен центар е во соработка со родителските здруженија на децата со Даунов синдром и комплетно одговара на потребите на децата за поддршка на нивниот психофизички развој.
„Со социјалната реформа ги унапредуваме правата на лицата со попречености. Освен што зголемивме дел од надоместоците, работиме и на развој на услуги на локално ниво како што се дневните центри и персоналните асистенти. Овие центри значат многу во локалната заедница, а наша крајна цел е да овозможиме целосно вклучување на лицата со попреченост во општеството и да создадеме едно општество за сите. Во сите наши активности целосно ја следиме Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, особено нејзините одредби за независен живот и независно одлучување кои се основата на развојот на сите нови индивидуални услуги коишто во минатото не постоеле“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Во центарот е поставена опрема за подобрување на физичката состојба на децата, односно справи за трчање, пинг- понг маса, топки за пилатес, опрема за развој на фина моторика и друга дидактичка опрема, но и соби за одмор и хидромасажa. Дополнително, на долниот кат е поставена кујна со сите содржини, бидејќи во иднина планирано е да се развие и социјално претпријатие, односно кетеринг-сервис. На овој начин децата и младинците од центарот со поддршка на стручни лица и родителите ќе можат да бидат и работно ангажирани.
Развојот на центарот се одвива со поддршка од лица на Центарот за социјална работа, Заводот за социјални дејности и Градот Скопје кој веќе финансира проект за поддршка на децата со Даунов синдром во рамките на овие простории. Секако, тука е и соработката со родителите на децата, и со граѓанските организации како Трисомија 21, со кои министерството развива партнерски односи од самиот почеток.
„Ги повикувам сите родители да се пријават во ЈУ МЦСР на Град Скопје или во просториите на Дневниот центар за деца со Даунов синдром да добијат информации за начинот на користење на услугите на Центарот и да поднесат барање за користење на наведените услуги“, дополни Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски и Тошковски на пешачење во Градски парк: секој чекор е здравје

Градскиот парк денеска беше изборот на градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Двајцата утрото го започнаа со пешачење низ алеите на паркот, во спортска опрема и ведро расположение.
„Најубаво е денот да започне со утринско пешачење низ Градскиот парк, свеж воздух, мир и позитивна енергија. Секој чекор е здравје, секој здив е нова сила. Започни го денот со природа, а денот ќе ти врати со радост“, напиша Ѓорѓиевски во својата објава на социјалните мрежи.
Македонија
За влез и излез од државава на граничните премини се чека до 15 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез е околу 10-15 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До средината на следната седмица ќе преовладува претежно стабилно време со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Потоа времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.