Македонија
Отворен реновираниот Хируршки ургентен центар во Скопје
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, заедно со министерот за здравство, Беким Сали, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го отвори реновираниот Хируршки ургентен центар во Скопје.
Заедно со директорот на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ, Александар Трајановски, ја потенцира важноста од инвестициите во осовременување на здравствените установи во земјата сѐ со цел подобри услуги за граѓаните. Станува збор за целосна реконструкција на 400 квадратни метри на Хируршкиот ургентен центар за што се одвоени 8 милиони денари буџетски средства и средства од донации.
Вицепремиерката Грковска истакна дека инвестициите во јавното здравство значат мотивирани здравствени работници, но и задоволни граѓани.
„Добриот начин на управување и стратешкиот пристап даваат добри и видливи резултати. Создаваат услови за квалитетни услуги на граѓаните, што мора да биде најголем приоритет за сите носители на јавни функции. Со оваа и со сите претходни инвестиции создадена е обновена, модерна и, пред сѐ, високопрофесионална клиника, која продолжува да се развива по сите светски стандарди во најдобрите традиции на професионализмот, знаењето и стручноста. Со овие вложувања Владата ја искажува својата цврста решеност да продолжи да инвестира во здравствениот систем, што подразбира поквалитетен живот и подолг животен век на секој граѓанин. Вложуваме и во човечкиот капитал, се внесуваат современи методи за интервенции, вложуваме во набавка на лекови, капитални инвестиции, опрема, накусо – правиме крупни реформи во здравството. За две години, дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавното здравство. Во услови на пандемија реализирани се 446 нови вработувања во јавното здравство, и тоа 164 доктори, 247 медицински сестри и 35 специјалисти добија статус на вработени на неопределено време. Тоа овозможи за најмалку 10 проценти зголемување на капацитетот со човечки капитал во секоја јавно-здравствена установа, а во изминатиот период имаме и рекорден пораст на платите“, рече Грковска.
Министерот Сали истакна дека првпат по 30 години комплетното се реновираат просториите на Хируршкиот ургентен центар, а реализирана е и набавка на медицински инвентар и опрема за центарот.
„Со ваквите настани одбележуваме унапредување на условите за третман на пациентите, кои се особено значајни за мене како министер за здравство, но и како пациент, земајќи предвид дека речиси секој од нас се нашол во ситуација да побара здравствена услуга тука на Ургентниот центар. Фактот дека во оваа установа имаме комплетна реконструкција на простор на површина од 400 квадратни метри е показател за успешното менаџирање на оваа клиника, чие раководство и во сензитивни услови на пандемија успева значително да ги унапреди условите за третман на пациентите и да ја промени сликата и првиот впечаток што го стекнуваат пациентите при барањето медицинска помош тука на Ургентниот центар. Конкретно, реновиран е делот во кој се сместени приемното одделение, собата за реанимација, собата за тријажа, операционата сала, асептичната соба, помошните простории и санитарните јазли. За оваа цел, издвоени се осум милиони денари буџетски средства и средства од донации“, рече Сали.
Директорот на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ, Трајановски, во својата изјава за медиумите истакна дека се работи за комплетна реконструкција на простор првпат по 30 години со површина од 400 квадратни метри.
„По целосната реконструкцијата на Клиниката за ортопедски болести, ова е уште еден проект во ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ Скопје, кој ја измени комплетно сликата на оваа здравствена установа и ќе понуди нов квалитет на услугите за пациентите што овде се лекуваат. Во состав на Ургентниот центар има апарат за компјутерска томографија и РГТ-апарат, со што пациентите добиваат целосна дијагностика по приемот во болницата. Ургентниот хируршки центар е најголема здравствена установа во земјата, која дава ваков тип медицински услуги. Годишно 35.000 пациенти се примаат на Ургентниот центар од целата територија на Северна Македонија. Некои од нив се згрижуваат на Ургентниот центар, каде што им се дава неопходната медицинска помош, а други се згрижуваат на преостанатите клиники за понатамошен третман“, рече Трајановски и најави идни уште поголеми и успешни проекти, пред сѐ, во интерес на пациентите и здравствената услуга што тие ја добиваат.
На настанот беа доделени и благодарници на УНХЦР, Црвениот крст и на една приватна општествено одговорна компанија, кои го поддржаа реновирањето на Ургентниот хируршки центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.

