Македонија
Отворен Центар за талентирани ученици од три скопски општини

Отворањето Центар за работа со талентирани ученици е еден од проектите кои денеска беа поддржани на седницата на Советот за развој на Скопски Плански Регион. Учениците од општините Центар, Карпош и Кисела Вода ќе можат да реализираат едукативни работилници во рамки на основното училиште „Димитар Миладинов“, кое е лоцирано во Центар.
Просторот во рамки на оваа образовна установа е со површина од 120 м2 и истиот ќе биде поделен на три посебни простории. Со одобрените средства од 6 милиони денари, од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој ќе се набави соодветна опрема за функционирање на овој едукативен центар и тоа: опрема за планетариум и физика, биохемиска лабораторија и лабораторија за уметности.
Носител на овој проект е Општина Центар, а партнерски општини се Карпош и Кисела Вода. Центарот за талентирани ученици ќе овозможи вмрежување меѓу талентите од трите општини, размена на знаења и искуства, стекнување нови вештини и подготовка на младите за домашни и меѓународни натпреварувања.
Локалната самоуправа континуирано ги поддржува младите ученици. На последната седница на Советот на Општина Карпош беа одобрени и стипендиите за талентирани ученици и спортисти, кои претставуваат финансиска поддршка за oсновците и мотив да продолжат со нови достигнувања во науката и спортот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Пресудата за новинарот Стојановски е чекор напред, но правдата за новинарите сè уште не е завршена

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја поздравува одлуката на Основниот граѓански суд Скопје, со која се утврдува повреда на правото на слобода на изразување на новинарот Влатко Стојановски од неделникот „Фокус“, за случајот од 27 април 2017 година во Собранието на Македонија.
„Оваа судска пресуда, која следеше по одлуката на Уставниот суд од 2023 година, претставува значаен чекор напред во домашната судска пракса и потврда дека државата има обврска активно да ги заштити новинарите во ситуации на ризик. Граѓанскиот суд утврди дека Стојановски бил изложен на непријателска и опасна средина додека професионално ја извршувал својата новинарска задача, и дека институциите не презеле соодветни мерки за да обезбедат негова безбедност, со што се повредило неговото уставно загарантирано право на слобода на изразување. Судот донесе пресуда за делумен надомест на нематеријална штета, што испраќа јасна порака за одговорноста на државата да ги штити медиумските работници.
Оттука, сакаме да ја истакнеме важноста на оваа судска пресуда како позитивен пример за примена на европските стандарди за слобода на медиумите и охрабрување на новинарите во вршење на нивната професионална должност без страв и притисоци.
Во споредба со другите слични случаи од настаните од 27 април 2017 година, за новинарката Душица Мрѓа тужбеното барање беше делумно усвоено, слично како и за Влатко Стојановски. За Горан Трпеноски повторувањето на постапката беше одбиено, но по поднесена жалба се чека одлука од Апелациониот суд. Во случаите на колешките Наташа Стојановска, Билјана Николовска, како и колегите Игор Јанковски и Томе Ангеловски, постапките се сè уште во тек пред Уставниот суд, откако Основниот суд не ја следеше насоката од претходната уставно – судска пракса.
Во овој момент, единствените случаи со позитивен исход се оние на Душица Мрѓа и Влатко Стојановски, но ниту една од овие пресуди не е правосилна а останатите и по повеќе од 8 години се наоѓаат во различни фази пред македонските судови.
Овие судски примери ја истакнуваат итната потреба од доследна примена на европските стандарди и создавање на стабилна судска пракса која ќе ги штити новинарите како носители на јавниот интерес. Само така може да се обезбеди средина во која тие ќе можат слободно, безбедно и професионално да ја извршуваат својата улога во демократското општество“, се наведува во соопштението на Здружението на новинари на Македонија.
ЗНМ повторно апелира до надлежните институции, вклучително и судските органи и Министерството за внатрешни работи, да обезбедат ефикасна и проактивна заштита на новинарите, гарантирајќи ја нивната безбедност и правото на слободно изразување во сите околности.
Македонија
„Законот за верски училишта е направен согласно уставните одредби и е во согласност со важечките законски прописи“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„СДС забораваат да кажат дека токму решението за регулирање на статусот на училиштето на Исламската верска заедница, кое го донесе нивниот премиер, Талат Џафери, беше укинато од Уставниот суд поради тоа што го прекршуваше принципот на секуларност на државата“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција на Kристина Kостова.
„Новиот закон за верски училишта кој го предлага Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ е изготвен врз основа на уставните одредби, кои предвидуваат верските заедници да можат да основаат училишта, како и согласно сите претходно пристигнати сугестии во надлежното министерство.
Законското решение ги става учениците од овие училишта во еднаква положба, односно се изедначуваат нивните права со правата на останатите ученици во другите училишта. Тоа е суштината, примена на принципот на еднаквост на сите ученици, односно еднаков пристап од образование.
Па така, доколку ученик од средно верско училиште сака да се запише на факултет кој е надвор од областа која ја изучувал во средното образование, наместо училишна, потребно е да одбере државна матура, на која ќе треба да го полага соодветниот предмет, Тоа значи дека треба да се подготви за полагањето, да го совлада материјалот по тој предмет.
Нема ништо противуставно. Едноставно, се нуди решение за долгогодишен предизвик кој учениците од верските училишта ги ставаше во нееднаква положба со сите останати ученици.
СДС не мора да го поддржи предлогот. Тие ниту работеле, ниту ќе работат во интерес на младите и воопшто на граѓаните на Македонија. Нивните лоши политики во образованието и сите други сфери, иселија 17 илјади ученици и 7 илјади студенти во период од 7 години“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Општина Аеродром за првпат ја реконструира водоводната мрежа на улица „2“ во Долно Лисиче

Општина Аеродром отпочна целосна реконструкција на водоводната мрежа на улица „2“ во Долно Лисиче, со што преку реализација на овој значаен проект конечно се решава повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето на жителите во овој дел од Аеродром, известува Општината.
„Станува збор за клучна улица во должина од околу 1300 метри со вкупно 109 приклучоци и можност за нови приклучувања на оваа мрежа.
Реконструкцијата опфаќа замена на старите и дотраени цевки со дијаметар од 80 милиметри со нови и современи цевки со дијаметар од 225 милиметри.
Старата водоводна мрежа со години предизвикуваше загуби на притисокот поради што дел од потрошувачите во одредени периоди од денот често остануваа без вода.
Токму со замената на цевките ваквиот проблем ќе замине во историјата, а жителите на овој дел од Долно Лисиче конечно ќе имаат непречен пристап до вода.
Исто така, со реконструкцијата ќе бидат поставени и 15 пожарни хидранти по должината на целата улица, со што се зголемува безбедноста во случај на појава на пожари и други непогоди“, се наведува во соопштението на општина Аеродром.