Македонија
Отфрлена пријавата за Џафери и за пратениците што се појавија во Собрание заболени од коронавирус

Основното јавно обвинителство Скопје ги отфрли кривичните пријави поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и Левицата против претседателот на Собранието, Талат Џафери, и двајцата пратеници, кои во април, заболени од коронавирус, со скафандери се појавија на гласање во Собранието. Според Обвинителството, пријавените постапиле во согласност со протоколот за работа во услови на пандемија.
Пријавата беше поднесена за кривични дела непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и пренесување заразна болест, а Обвинителството ги отфрлило бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност.
Исто така, отфрлена е и пријавата против Собранието како правно лице.
Од Обвинителството наведуваат дека Собранието доставило известување во кое се наведува дека двајцата пратеници на денот на одржување седницата дошле во Собранието без клиничка симптоматологија со сопствен превоз. Влезот, движењето и сместувањето во просториите за гласање, како и излезот на пратениците, биле спроведени во согласност со одобрените протоколи од страна на Комисијата за заразни болести. И при извршениот инспекциски надзор од Државниот инспекторат за труд било констатирано дека нема забелешки.
„Од доставените докази неоспорно е дека на критичниот ден во Собранието на Република Северна Македонија се одржале 32. и 36. седница, закажани од пријавениот претседател на Собранието. На седниците присуствувале двајцата пријавени пратеници, кои во тој момент биле позитивни на Ковид-19, имале решенија за изолација и биле во домашна изолација, без изразена клиничка симптоматологија. Но, од ниту еден доказ не произлезе дека тие презеле дејство со кое ги прекршиле или не постапиле во согласност со прописите и наредбите издадени од надлежен орган и со тоа предизвикале пренесување заразна болест и нарушување на здравјето на населението. Пријавените постапиле во согласност со протоколот за работа во услови на пандемија донесен од Комисијата за заразни болести на 30.7.2020 година, како и дополнувањето на овој протокол од 17.11.2020 година“, велат од Обвинителството.
Решението е доставено до пријавителите, кои имаат право на жалба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче од Ресен: Резултатот на владата на ВМРО-ДПМНЕ е чиста нула

„Чиста нула“ е резултатот на работењето на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години локална власт и година и половина централна власт, порача вечерва претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на трибината која се одржа во градот Ресен. Тој пред ресенчани зборуваше дека ВМРО-ДПМНЕ не само на локално ниво, туку и како централна власт не донесе ништо добро за граѓаните и државата.
„Изминатите 4 години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ и година и пол централна власт не донесоа ништо добро за државата и граѓаните, резултатот им е чиста нула. Ниту еден нов проект, ниту една инвестиција, ниту една реална мерка што го подобрува животот. Празни ветувања и безидејност. Застој, запуштени општини, заборавени граѓани. И овде во Ресен многу јасно се гледа нивното неработење. Погледнете го Ресен денес после 4 години, што ветуваа, а што се направи“, рече Филипче.
Филипче зборуваше дека ветените проекти останале само на хартија, и наместо развој во Ресен, граѓаните добиле застој. Затоа ги повика ресенчани да стават крај на неработењето и не дозволат неодговорни кадри да се грижат за граѓаните.
„Ги нема ветуваните нови стопански комплекси, нема нови инвеститори во туризмот, нема реконструкција на водовод и канализација, нема нови патеки, нема поддршка за младите, за социјално загрозените лица, нема енергетски ефикасна општина, нема развој на туризмот, на спортот и на културата. Ова „ништо“ и нула сработено не смее да продолжи и следните 4 години да го уништува Ресен, да го уништува регионот и да ги брка младите од градот. Не смееме да го оставиме Ресен на неспособни и неодговорни кадри кои забораваат и не се грижат за нивните сограѓани“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ, исто така рече дека дел од носителите на власта ја користат функцијата за моќ и привилегии, за разлика од СДСМ кои секогаш ја гледале како должност кон граѓаните.
„Не водат сметка за народот, туку за себе и за партиските другари. И тоа суштинската разлика меѓу нив и меѓу нас, социјалдемократите. Ние се бориме за секој човек, за секое семејство, за интересот и прогресот на народот. Ние секогаш сме служеле на народот и не сме ги оставале граѓаните сами“, потенцираше Филипче во Ресен.
Македонија
Мицкоски: Граѓаните знаат, Филипче никогаш не бил со народот, туку со Заев кои ги гледавме како крстарат со луксузни јахти по Егејското крајбрежје

На прагот сме на уште едни избори на кои се носи одлуката за вашата иднина. Ова се избори од кои зависи како ќе се развива вашата општина, вашето маало, вашата улица. Од тоа дали ќе добиете ваш човек кој ќе биде вашиот глас во администрацијата или ќе имате човек и елита која ќе живее на вашиот грб. А, иднината се состои од вашите одлуки денес и од изборите кои ги правите токму денес, порача до македонските граѓани претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Кратово во рамките на кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ за локалните избори кои ќе се одржат во недела на 19 октомври.
Мицкоски изрази убедување дека и граѓаните знаат дека коалицијата Твоја Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор и опција која нема да разочара и која секогаш е со народот.
„Од другата страна имаме измамници во политиката, луѓе кои со децении изградија кариери и бизниси на штета на државата и на штета на заедничкиот интерес на граѓаните. Со едниот избор одите напред, а со другиот се враќате назад кон темното минато на договори во четири очи, срамни отстапки за идентитетот. Во времето кога најважно беше врхушката на власт да биде ситуирана, а народот гладен. Тоа се политичарите коишто ги украдоа сите наши заеднички соништа и донесоа сиромаштија и направија гладен народ. Нашите конкуренти немаат програма, никој не им ја видел, затоа што на овие избори дојдоа со празни и лажни ветувања. Така произволно дадени, потценувајќи го народот, а јас ви велам, мерете не по делата и програмата која ја нудиме, туку по она коешто вие чувствувате дека ние го правиме.
Мицкоски додаде дека СДСМ и нивната коалиција покажаа дека го потценуваат народот излегувајќи на овие избори во оваа кампања со тоа што од првиот ден, па се до денес водат исклучиво само црна кампања.
Мицкоски се осврна и Венко Филипче кој вели дек бил со народот, но граѓаните добро знаат дека тој бил со неговиот гуру од Струмица, Зоран Заев кои донесоа најголема сиромаштија за граѓаните а нив ги гледавме како крстарат со јахти по Егејското крајбрежје.
„Филипче вели дека кога било најтешко бил со народот. Што не е вистина, а и сите вие тоа го знаете, тој бил со неговиот ментор и гуру од Струмица и тие заедно двајцата како тандем го донесоа најтешкото време за целиот народ. И кога беше најтешко и кога народот, буквално, мака мачеше како да го помине денот, нив ги гледавме како се луксузираат на скапо платената јахта, крстарејќи по Егејското крајбрежје. И сите знаат дека дебело ќе загубат, а претседателот на СДСМ Венко Филипче, не може ниту сопствени пратеници да ги убеди, па затоа многу тешко можете да видите пратеник од коалицијата која ја предводи СДСМ на митинзите кои ги организира СДСМ и коалицијата“, рече Мицкоски.
Затоа, посочи Мицкоски, разликата помеѓу нив и нас е тоа што ние имаме визија за секое место и општина која ја посетуваме и токму затоа ги повика граѓаните да излезат на гласање во недела и масовно да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата заокружувајќи го бројот 9 за кандидатите за градоначалници и советничките листи.
Македонија
„Се боревме заедно 213 денови и денес ни одлета“: последно збогум од медицинскиот тим кој го лекуваше Панчо од ДНК

По смртта на пејачот Владимир Блажев – Панчо, од болницата каде што тој се лекуваше во изминатите седум месеци „Аџибадем Систина“ на социјалните мрежи беше објавена порака посветена на него.
„Почивај во мир, драг наш Панчо…
Се боревме заедно 213 денови и денес ни одлета…
Нема зборови за утеха за твоите два ангела Марјан и Андреја и за твојата Маја…
Нема зборови што можат да ги запрат солзите на нашите доктори, сестри, болничари кои беа 24 часа со тебе …
Целата болница, заедно со тебе и твоето семејство се боревме и верувавме“, пишува во објавата на болницата.