Македонија
Отфрлени четири кривични пријави во врска со работењето на ТЕ-ТО
Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена претходна постапка, донесе решение со кое се отфрла кривичната пријава поднесена од „Топлификација“ АД Скопје против четири физички лица (претседател на управен одбор, нотар, извршител и адвокат) за злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 и против две правни лица (од Скопје и од Никозија, Кипар) за кривично дело – оштетување или повластување доверители од член 257 од Кривичниот законик.
Со донесеното решение отфрлена е и кривичната пријава поднесена од тројца акционери во „Топлификација“ АД Скопје, како и пријавата поднесена од Управата за финансиска полиција против едно лице – стечаен управник за злоупотреба на постапката за стечај согласно член 256 и злоупотреба на службената положба и овластувањето согласно член 353 од Кривичниот законик. Отфрлена е и кривичната пријава поднесена од Управата за финансиска полиција против претседател на Управен одбор за намерно предизвикување стечај од член 254 и злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353, против две физички лица (нотар и судија) за злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 и против едно правно лице од Скопје за намерно предизвикување стечај од член 254 од Кривичниот законик. Поднесените пријави се отфрлени бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност, соопшти Обвинителството.
Претходно, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, постапувајќи по една кривична пријава за која сега се произнесува и Основното јавно обвинителство Скопје, донесе резолуција дека нема место за јавнообвинителска интервенција против три лица за перење пари и други приноси од казниви дела според член 273 од Кривичниот законик како кривично дело за кое е надлежно Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Поднесените кривични пријави се однесуваа на евентуални неправилности во работењето на пријавеното лице ТЕ-ТО АД Скопје, каде што сопственичката структура со 89,2 % е странски капитал, а преостанатите 10,8 % се во сопственост на „Топлификација“ АД Скопје.
Во текот на претходната постапка се утврди дека правното лице ТЕ-ТО АД Скопје е основано на 21.12.2004 година со основачки влог 5.000 евра и регистрирана приоритетна дејност – производство на топлинска енергија. Поради обемот и динамиката на работа, за извршување на својата дејност, правното лице цело време се финансира преку заеми од акционерите и обезбедени банкарски кредити.
Поради финансиски тешкотии во извршувањето на дејноста од неговото основање, исполнети биле условите за отворање стечајна постапка поради идна инсолвентност, која стечајна постапка завршила со реорганизација на друштвото како единствен начин ова правно лице да продолжи да работи и да ја извршува дејноста за која е основано.
Овие решителни факти Обвинителството ги утврди пред сè од економскиот вешт наод и мислење од релевантно друштво за ревизија, изготвен по наредба на надлежниот јавен обвинител. Воедно, при утврдување на сите факти јавниот обвинител ги анализира и вештачењата и експертизите приложени од ТЕ-ТО и од „Топлификација“.
Од целокупната анализа на сите приложени и во текот на постапката обезбедени материјални и вербални докази, како и од правната оценка на кривичните дела, произлезе дека со оглед на тоа што акционери во ТЕ-ТО АД Скопје се „Топлификација“ АД Скопје со 27 акции или 10,8 %, „Битар холдинг лимитед“ од Кипар со 73 акции или 29,2 % и „Проџект менаџмент консалтинг“ од Британските Девствени Острови со 150 акции или 60 %. Бидејќи сопственик на „Проџект менаџмент консалтинг“ е „Битар холдинг лимитед“, во поглед на сопственичката структура на ТЕ-ТО АД Скопје и поврзаните лица неоспорно е дека „Битар холдинг лимитед“ од Р. Кипар директно и индиректно со 89,2 % од капиталот е сопственик на ТЕ-ТО АД Скопје. При ваква состојба правата и обврските помеѓу овие правни лица и нивните меѓусебни побарувања претставуваат предмет на други, со закон регулирани постапки, бидејќи помеѓу тие правни лица се воспоставени деловни односи и тие од кривично-правен аспект не претставуваат предмет на кривично-правно постапување. Воедно, постапката за отварање и спроведување стечај е регулирана со посебен закон, кој претставува Lex specialis, а од анализа на доказите и правната регулатива произлезе дека постапувањето по овој закон во конкретниот случај исто така не претставува основ за кривично гонење.
Со оглед на горенаведеното се утврди дека во дејствата на пријавените физички и правни лица не се исполнети битијата на пријавените кривични дела или на друго кривично дело за кое се гони по службена должност. Оштетените имаат право на жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена од приемот на решението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски сфати каде е тежината на албанскиот глас, вели Таравари
Ккандидатот за претседател од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, вели дека е добро што ВМРО-ДПМНЕ ја сфатила, како што посочува, тежината на гласот и на пратениците Албанци.
Во напишаното на социјалните мрежи Таравари истакнува дека сега ќе се фокусираат на изборите, а после 8 мај при формирање на новата влада ќе се водат од националниот интерес на Албанците, од итната потреба да се исчисти власта од корупција и од нивната непреговарачка прозападна ориентација.
„Предлогот на Мицкоски покажува дека и ВМРО сфати каде е тежината на гласот и на пратениците Албанци.
Но, нашиот фокус како коалиција и како партија е работата за изборите на 8 мај, за најголем број мандати.
По изборите ќе се водиме од националниот интерес на Албанците, од итната потреба да се исчисти власта од корупција и од нашата непреговарачка прозападна ориентација“, порачува Таравари.
Ние како „ВЛЕН“, додава тој, сме пообединети од кога било. „Нашиот глас е мнозинство од гласовите на Албанците. Нашите мандати одат кај пратениците Албанци. Бидејќи ние го штитиме напредокот на Албанците, не ги продаваме и не ги купуваме“’, дециден е Таравари.
Македонија
(Видео) Пендаровски: За бојкот тие нека му ја мислат, во Крушево дојдов за да ви кажам дека и тука и во цела Македонија ќе победиме
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска ја продолжи кампањата со средба со жителите на Крушево.
„Борбата почнува од нула, како да немало прв круг“, рече Пендаровски пред крушевчани негирајќи ги обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од претседателските избори.
„Дали е логично да дојдам јас во Крушево, ако мислам да бојкотирам? Јас мислам со сите вас да победам! Кој сака нека бојкотира, ниту сум бојкотирал 2014-та, ниту 2019-та, ниту 2016-та, ниту оваа 2024-та нема да бојкотирам. Тие нека му ја мислат за крајниот резултат. Ние сите го знаеме и наместо бојкот ние ќе прославуваме’, истакна Пендаровски денеска во Крушево.
Македонија
Ковачки: СДС не е противник само на ВМРО-ДПМНЕ, туку противник на народот и Македонија, затоа на 8 мај да се обединиме за бројот 2 и да ги срозиме
Оваа победа не е само на ВМРО-ДПМНЕ, туку победа на целиот македонски народ кој се обедини за промени, за да си ја врати државата назад. Ве сте силата на Македонија, вие сте гласот на промените и надежта на оваа парче земја, вели Драган Ковачки носител на изборната единица 3 на денешниот митинг во Градско во рамки на претседателската и парламентарната кампања.
Ковачки истакна дека народот им го зададе ударот на СДС и ДУИ на 24 април, а веднаш потоа ќе им го зададе на 8 мај, посочувајќи дека по победата следува трет удар а тоа е одговорност за сите криминали и штети кои власта ги нанела на народот и Македонија.
„Но, една добиена битка не значи опуштање. Туку значи уште поголемо обединување, заедништво, сплотеност и работа. Првиот удар го зададовме на 24 април, следува вториот удар со победа на 8 мај, а потоа следува трет удар. Третиот удар значи одговорност. Одговорност за сите криминали. Одговорност за целокупното предавство кое што го направија на Република Македонија“, рече тој.
Ковачки посочи дека граѓаните на 24 април покажале дека никој не може да си игра со народот, укажувајќи дека СДС не е само противник на ВМРО-ДПМНЕ, туку и противник на македонскиот народ за кои што рече дека е достоинствен, работлив и чесен.
„Вие покажавте дека со народот никој не смее да си игра. Покажавте дека овој македонски народ е достоинствен, работлив и чесен. Покажавте дека ја сакате Македонија повторно горда и во вашите раце, затоа што вие сте суверенот на неа. Само вие, а не оние неколкумина од ДУИ и измеќарот СДС“, рече тој и додаде.
„СДС не е противник само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и ваш противник, противник на Македонија, затоа што изминатите 7 години од политичка партија се претвори во обичен измеќар на ДУИ. Ковачевски прифаќаше секаква наредба на Али, Стево пак не го видовме воопшто да се спротивстави на криминалот и корупцијата на СДС и ДУИ, напротив со неговото молчење ги охрабруваше што повеќе да грабаат, што повеќе да украдат и што повеќе да ја понижат Македонија“.
Ковачки порача дека 8 мај е историски ден.
„Работата не е завршена и нема опуштање, пред самото финале сме. Не смееме да се предадеме, затоа што сме на само еден чекор до историска промена и до конечно враќање на Македонија во вашите раце. 8 мај е историскиот ден“.
Ковачки објасни дека СДС се разлутени и гневни на граѓаните поради поразот и во следниот период нема да бираат средства и методи за да ги заплашат, но им порача на граѓаните да не се плашат, нагласувајќи дека македонскиот народ никогаш не се плашел.
„Прво се обидуваа да ве убедат дека ги сфатиле грешките и дека овие избори им се поправен испит. Но, ви кажав и тогаш, ви кажувам и сега, лажат. ЛАЖАТ!!! Не им верувајте. Не ја сакаат победата за да се поправат, туку за повеќе да украдат, за своите семејства да живеат во луксуз и да се обезбедат за идните генерации, додека вие осиромашувате, додека економијата крахира и додека Македонија тоне во криминал и корупција. А сега после нивниот пораз, се повеќе се гневни, полни со бес кон сопствениот народ, во вас гледаат разлутено затоа што ги казнивте, и затоа можно е следниот период да не бираат ниту средства, ниту пак методи со кои ќе се обидат да ве заплашат и да ве предомислат. Но, нема веќе заплашување. Овој македонски народ никогаш не се плашел, нема ниту сега. ВМРО-ДПМНЕ е партијата на народот, која секогаш застанува против секој еден кој се соочил со неправда од страна на власта“, изјави тој.
Во однос на проектите Ковачки додаде дека визијата на ВМРО-ДПМНЕ е да ја трансформира Македонија напред преку реализација на проектите од Платформата 1198.
„Нашата визија е Македонија повторно ваша. Во вашите раце. Затоа што вие сте сила на една држава. Промените се во вашите раце и вие одлучувате во каква Македонија ќе живеете. Вие ја давате и одземате довербата. Затоа ве замолувам за огромна поддршка и доверба од ваша страна, ве замолувам за сплотување, за обединување, за масовна излезност. Разговарајте со секој еден и подадете рака на сите. Силата на ВМРО-ДПМНЕ во вас, народот. Ние сме партија која помага, работи и која покажала како треба да се води Македонија. Сме покажале што значат нови проекти, реформи и визија. Имаме план за секоја општина, се обврзуваме на целосна трансформација на Македонија“, објасни тој.
За општина Градско, Ковачки рече дека Платформа 1198 предвидува:
„Завршување на изградба на експресниот пат од Градско до Прилеп, во должина од околу 33 километри. Проектот ќе се реализира во три фази, Градско – клучка Дреново (15.5 километри). Потоа втора фаза од Фаришка до Дреновска Клусура (10 километри) и трета фаза проширување на патната делница од Прилеп до мостот на Ленишка река и изградба на трета лента на патната делница од село Беловодица – Каменолом Маврово околу 7.5 километри. Реконструкција на мостот на река Вардар кај село Уланци, реконструкција на 8ми Септември во Градско, подобрување на квалитетот на услугите за водоснабдување во Градско и многу други проекти кои значително ќе го подобрат вашиот живо“т.
Ковачки ја побара поддршката од граѓаните и масовна излезност со заокружување на бројот 2 за Силјановска Давкова за претседател на Македонија, и нова влада предводена на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние се што ветуваме пред вас, се обврзуваме да го исполниме. Платформата 1198 значи решавање на проблемите, затоа што во неа има проекти за сите граѓани. Мораме да ја трансформираме Македонија напред кон нови победи и кон нови успеси. Но ни треба вашата поддршка и масовна излезност на 8 мај за бројот 2, за двојна победа. 2 за ВМРО-ДПМНЕ за идна влада, и 2 Силјановска Давкова за претседател на Македонија. Ние ја сакаме Македонија повторно твоја. Македонија на земјоделците, на здравствените работници. Македонија повторно твоја на просветните работници, Македонија на пензионерите. Македонија на младите. Македонија на успешни компании и странски инвестиции. Македонија земја на горди граѓани, кажа Ковачки и порача дека на 24 април народот го делегитимира СДС и ДУИ, а на 8 мај ќе го срози.
На 24 април го делегитимиравме Ковачевски, Пендаровски, Маричиќ, Спасовски, Зечевиќ, Битиќи, Али, Груби, Османи, Бектеши и баграта околу нив. А на 8 мај да ги срозиме. И да го победиме ова зло поради кое Македонија и вие граѓаните тонете“, потенцира тој.