Македонија
Охрабрувачки пораки од Неделата на студентите по медицина
Клубот на млади лекари со поддршка на „Алкалоид“ од денеска почна со организација на Неделата на студенти по медицина, водени со мотото „Студентите по медицина – нашите идни лекари“.
Мисијата на проектот е враќање на довербата во медицинската професија и можноста за професионална себереализација на студентите и младите доктори во Р. Македонија. Клубот на млади лекари сака да им помогне на студентите, младите професионалци во здравството, идните лекари, како и на граѓаните, да дојдат до искористување на своите права преку интердисциплинарна соработка со академската заедница, еминентни експерти и медиумските работници. Во текот на Неделата ќе се остварат разни активности и настани сè со цел овозможување чувство на припадност во заедницата и мотивирање на студентите за остварување на своите цели во Р. Македонија преку непосредна кафе-средба на студентите со специјализанти („Медкафе“), мотивациски говори и инспиративни професионални приказни на успешни лекари, вмрежување помеѓу невладини организации што работат со млади професионалци од разни области и, конечно, посета на Фоднот за иновации и технолошки развој, каде што ќе се презентираат веќе успешни стартап-приказни од областа на медицината. На настаните во текот на Неделата на студентите по медицина секој студент ќе добие мантил како подарок од Клубот на млади лекари и „Алкалоид“.
„Ми претставува особена чест и задоволство што ‘Алкалоид’ е дел од овој проект, организиран од Клубот на млади лекари. Потикнувањето вакви идеи и настани е секогаш од заеднички интерес. Ние работиме во насока на поддршка со тоа што стипендираме студенти по медицина и по фармација преку Фондацијата ‘Трајче Мукаетов’, како и преку практикантството што ги вклучува студентите од Фармацевтскиот, Хемискиот и од Природно-математички факултет. Голем број млади лекари ја напуштаат државата, а за да се спречи тоа, секој треба да придонесе во својот домен. Вие сте новата генерација идни лекари и ние сметаме на вас во секој поглед“, изјави Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор и генерален директор на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.
Деканката на Медицинскиот факултет, Соња Топузовска, ја потенцира потребата за реализирање на проектот „Студентите по медицина – нашите идни лекари“, која произлегува од очигледната неможност на младата генерација од прва рака да се запознае со фактите и искуствата што ги имаат веќе дипломираните лекари. Истакна дека е од особена важност да се охрабрат студентите по медицина да ги развиваат својот интелект, вештини и самореализација во Р. Македонија затоа што се работи за личности што треба да бидат нашите идни доктори, чувари на нашето и здравјето на нашите најблиски.
Претседателот на Клубот на млади лекари, Никола Брзанов, нагласи дека целата на формирање на клубот е поголема вклучечност младите во процесите на одлучување и креирање на политиките во здравството.
„Нашата цел е да бидеме критичен и конструктивен партнер во реформите кои не може да се случат без учество на оние што утре ќе одлучуваат за промени преку промоција на систем на заслуги, кој е единствена гаранција за подобар здравствен систем и најпосле праведно општество. Иницијативи како нашата не само што ќе се стремат да создадат промени, туку ќе разберат дека за да се случат, потребно е да ги направиме нашите млади студенти храбри, да се спротивстават на неправдите, а во исто време и доволно вешти да ве излечат“, рече тој.
Клубот на млади лекари денешниот настан го доживува не само како можност да го прослави ова ново партнерство помеѓу Клубот на млади лекари и „Алкалоид“, туку е и праќање порака дека навистина постои грижа за процесите и можност да се направи нешто за тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

