Македонија
Охрид преплавен во ѓубре од туристите: расфрлани лименки, пластични шишиња и остатоци од храна

Расфрлани лименки, пластични шишиња и остатоци од храна во градскиот парк е сликата денеска во Охрид, ден по големиот празник Илинден. Екипи на градските комунални претпријатија секојдневно уште од зори се на терен и го собираат ѓубрето.
„Активности на оперативните служби пред и по Илинден. Продолжуваме со максималниот ангажман за чистење на јавните површини – кејот, градското пристаниште, малото пристаниште кај ‘Палас’, во близина на амамот, градскиот парк и други локации, од расфрлани лименки, пластични шишиња и остатоци од храна, кои, за жал, се реална слика во доцните вечерни часови и наутро. Во вечерните часови се спроведува машинско миење на коловозите, пешачките патеки и на други јавни површини, кое на одредени места е надополнето со рачно миење. Се одржува хигиената во и околу локациите на кои се одржуваат концерти“, стои во објавата на ЈП „Охридски комуналец“.
Сликата е иста секој Илинден кога, всушност, Охрид го достигнува и шпицот на сезоната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и многу топло со температури до 41 степен

Времето денеска, сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 35 до 41 степен.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне до 41 степен.
До сабота (26.07) ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност. Дневната температура наместа ќе надминува 40 степени и насекаде ќе биде над просекот за месец јули.
Во недела ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а дневната температура ќе биде во опаѓање.
Фото: принтскрин
Македонија
Николовски: За првпат во историјата со ребалансот се намалуваат субвенциите за земјоделците

Ребалансот на буџетот што го предлага власта претставува сериозен удар врз македонското земјоделство. За првпат во историјата, со ребалансот се намалуваат субвенциите за земјоделците, што директно ја намалува финансиската поддршка која тие ја добиваат. Ова е целосен преседан, бидејќи досега секогаш со ребалансот се додаваа дополнителни средства, а сега, напротив, се кратат, рече пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, на денешната седница за ребаланс на буџетот.
Тој потенцираше дека податоците јасно покажуваат дека во 2023 година финансиската поддршка изнесувала 8,3 милијарди денари, додека во 2024 година таа е намалена на 6,7 милијарди денари, што претставува над 30 милиони евра помалку за земјоделците.
-Ова е штетно не само за земјоделците, туку и за целата економија, бидејќи земјоделството е клучен сектор за државата. Покрај намалувањето на субвенциите, сеуште не се исплатени дополнителните поддршки од претходните години, како што се оние за овчарите, козарите и градинарите во Струмичко и Преспа, како и поддршката за предадено јаболко, која е минимална и недоволна, рече Николовски.
Дополнително, Владата укина неколку важни програми, меѓу кои се програмата за мали земјоделци, новиот модел на субвенционирање којшто овозможуваше авансна исплата од 30% до крајот на годината, како и програмите за поддршка на млади и жени земјоделци.
-Намален е и буџетот за програмата за рурален развој, која треба да ги поддржува инвестициите во механизација, системи за наводнување и други инвестициски мерки. Исто така, укинат е лимитот од 18 милиони денари за директни плаќања, кој беше воведен во 2018 година за да се осигура правична распределба на субвенциите и да се поддржат малите земјоделци. Со оваа уредба, големите компании повторно ќе добиваат милиони денари, додека малите производители ќе останат со помалку средства, потенцираше Николовски.
-Оваа политика на Владата не само што ги укинува реформите и ја намалува поддршката за земјоделците, туку и ги фаворизира големите компании на штета на малите производители, рече Николовски.
Македонија
Николова: Со ребалансот, власта крати пари од најсиромашните, за таа да се луксузира со скапи возила и мебел

Ребалансот на Буџетот што го предложи Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е јасен доказ за економската неспособност, недалекувидост и отсуство на визија. Наместо економска стратегија, овој ребаланс е политичко признавање на економскиот пораз на владата, рече пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната седница за ребаланс на буџетот.
Таа потенцираше дека со овој ребаланс гледаме продолжување на политиките на неодговорно трошење, зголемување на јавниот долг и кратење токму таму каде што граѓаните најмногу имаат потреба – кај субвенциите, социјалната поддршка и капиталните инвестиции.
– Во буџетот се зголемуваат ставките за луксуз, мебел, возила и непродуктивни расходи, додека се кратат средства за најранливите категории. Тоа е срамно и опасно за стабилноста на државата, рече Николова.
Таа потсети дека јавниот долг веќе го надмина прагот од 62% од БДП, а државата нема јасен план како ќе се справи со зголемениот дефицит.
– Имаме ребаланс кој се базира врз неостварени приходи, сомнителни заеми и фискално неодговорно однесување. Единствена цел – да се покријат краткорочни политички интереси на власта, на сметка на долгорочниот економски развој, потенцираше Николова.
Таа додаде дека додека се кратат средства за сиромашните, се зголемуваат трошоците за стоки и услуги.
– Со инфлација од 3,7%, со намалена приватна потрошувачка и со стагнирана минимална плата, граѓаните се принудени да преживуваат, а не да живеат. Овој буџет не гради иднина, го одржува партискиот апарат на власт. Наместо визија и економски сигнал, добивме кратења, долгови и политички маркетинг. Сето ова е спротивно на тоа што им беше ветено на граѓаните само пред една година, нагласи Николова.
Особено трагично, рече Николова, е што власта ги одби амандманите на СДСМ за поддршка на настраданите и повредените од трагедијата на 16 март, како и амандманите за справување со пожари.
– Во моменти кога семејства преживуваат болка и загуба, власта одбира молк и рамнодушност. Ова е морално неприфатливо и човечки пораз на една владејачка структура, потенцираше пратеничката на СДСМ, Даниела Николова.