Македонија
Очевидци за „Макфакс“: Детето поминуваше улица на пешачки премин

Стотина граѓани излегоа на протести пред Основното училиште „Мирче Ацев“ во скопската населба „Ѓорче Петров“, откако 10-годишно момче вечерва беше прегазено во сообраќајна несреќа.
Очевидци за „Макфакс“ сведочат дека човекот што удрил во момчето, станал од возилото и го одвел детето в болница.
„Колата возеше во спротивна насока за да ги избегне препреките на патот. Детето беше удрено додека ја поминуваше улицата на пешачкиот премин“, раскажуваат очевидците.
Во моментов полицијата врши увид, а улицата „Борис Сарафов“, каде се случи несреќата е затворена за сообраќај.
Жителите на протестот раскажуваат дека подолг период бараат од општината да биде поставена светлосна сигнализација.
Претходно, од МВР за „Макфакс“ соопштија дека до сообраќајната несреќа дошло кога возило од марката „опел астра“ удрило во детето, кое по ударот било пренесено на Ургентниот центар. Засега не е познато во каква здравствена состојба се наоѓа.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре сончево време, попладне локален дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Попладне во југоисточните делови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 28 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во четврток ќе дува умерен до засилен, а во петок повремено силен јужен ветер. Во сабота ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер, кој ќе продолжи и во недела, а дневната температура ќе биде во опаѓање.
Македонија
Јавна расправа за ГУП за Гази Баба и Шуто Оризари, граѓаните може да дадат свое мислење

Град Скопје во рамки на постапката за изработка на новиот Генерален урбанистички план ГУП 2022–2032 година организира jавна дискусија со цел вклучување на граѓаните во процесот на планирање и уредување на просторот.
Јавната дискусија за просторот во урбаниот опфат на Генералниот урбанистички план на град Скопје за територијата на Општина Гази Баба и на Општина Шуто Оризари ќе се одржи на 21 август 2025 (четврток) во салата на Советот на Град Скопје (барака број 13), во периодот од 9 до 11 часот за Општина Гази Баба и во периодот од 11 до 13 часот за Општина Шуто Оризари.
Граѓаните можат да дадат свои предлози мислења и забелешки за време на јавната дискусија, а истите можат да ги достават и писмено во архивата на Град Скопје (барака број 16) или електронски на адресата [email protected].
Град Скопје ги повикува сите заинтересирани граѓани и претставници на заедницата активно да се вклучат во овој процес од јавен интерес.
Македонија
УЈП со повик: Избегнете стрес и дополнителни трошоци, навреме поднесете ДДВ-04 пријави

Управата за јавни приходи упатува повик до сите даночни обврзници: поднесете ги ДДВ-04 пријавите и платете го даночниот долг за изминатиот даночен период навреме и одговорно за да избегнете стрес и дополнителни трошоци.
Крајниот рок за поднесување на пријавите и плаќање на данокот е понеделник, 25 август 2025 година.
Од УЈП велат дека до овој момент, само 11% од вкупниот број даночни обврзници ја имаат исполнето оваа законска обврска.
„Поради тоа, УЈП апелира до сите обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители без одлагање, со цел да се избегнат последични казни и дополнителни финансиски трошоци. Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавата и плаќање на даночниот долг е клучно за: усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на деловните субјекти, поттикнување на стабилен и развиен економски систем“, соопшти УЈП.
Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации или поддршка можат да се обратат на: Е-пошта: [email protected] и на телефонските броеви: од фиксна линија: 0800 33 000 и од мобилен телефон: 02 3253 200.