Македонија
ОЈО Штип постапува по известување за опожарено возило на медиумски работник
Основното јавно обвинителство Штип постапува и издава наредби и насоки за расчистување на случајот со опожарено возило на медиумски работник – уредник на локална телевизија.
Наредбите се да се извршат соодветни вештачења со кои ќе се утврдат причините за пожарот и идентификација на можен сторител на евентуално кривично дело. По наредбите и насоките, постапува Министерството за внатрешни работи и вешто лице од Дирекцијата за заштита и спасување.
Дополнително, дадени се насоки да се изврши проверка дали постојат евентуални снимки од видео надзор на подрачјето на кое е опожарено возилото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Апсењето на Равманоски е обид на власта да го покрие скандалот со помилувањата
СДСМ остро ја осудува, како што вели, последната фарса на власта и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која, наместо да преземе одговорност за скандалозните помилувања, се обидува со театрални потези да го смири гневот на јавноста.
„Претседателката лично ги потпиша одлуките за помилување на криминалци и членови на нарко-кланови, лица кои беа осудени за тешки кривични дела. Еден од тие помилувани лица, Акиф Бејадин Равманоски, кој е поврзан со нарко-кланот „Барон“, беше уапсен веднаш по неговото ослободување под сомнение за обид за убиство. Дали со ова апсење МВР се обидува да го покрие скандалот со помилувањата и да ја намали штетата од катастрофалната одлука на претседателката? Токму на ова предупредуваше СДСМ и опозицијата – дека криминалците кои ги ослободи Давкова претставуваат закана за јавната безбедност“, велат од СДСМ.
Како што додаваат, овие апсења не може да ја оттргнат одговорноста на Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ – тие ги ослободија криминалците, и сега, кога тие повторно прават злосторства, се обидува да ја амортизира штетата со спектакуларни апсења.
СДСМ прашува: зошто беа помилувани лица осудени за обид за убиство и поврзани со нарко-кланови и кој го нарача тоа? Зошто овие опасни криминалци повторно се на улиците, наместо зад решетки? И дали ова е дел од планот на власта да ги заштити криминалците, додека граѓаните секојдневно се чувствуваат помалку безбедни?
„Претседателката Силјановска не може да се крие зад Комисијата за помилување. Таа е таа која има последен збор, и таа мора да одговори зошто ги ослободува овие лица и дали со ова директно ја загрозува безбедноста на граѓаните. Време е власта да престане да ги штити криминалците и да започне вистински да се грижи за граѓаните“, се вели во партиското соопштение.
Како што се додава, граѓаните заслужуваат вистинска одговорност и сериозен однос кон нивната безбедност.
Македонија
Средба Гаши – Форслунд на Самитот во Рига
Во рамки на Третиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа во Рига, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари билатерална средба со потпретседателот на Шведскиот парламент, Кенет Форслунд.
Претседателот Гаши се заблагодари за поддршката на нашата стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија и во тој контекст изрази благодарност до Кралството Шведска за континуираната поддршка за демократскиот и економскиот развој на нашата држава преку бројни развојни проекти во повеќе сфери.
Потпретседателот Форслунд го поздрави формирањето Група за соработка како пандан на Групата на Шведскиот парламент, особено продолжение на соработката за демократски развој меѓу двата Парламента и искажа уверување дека двете Групи за соработка ќе бидат добра основа за дополнително интензивирање на парламентарната размена соработка на сите нивоа.
Соговорниците се осврнаа и на новиот Деловник на Собранието и се согласија дека Собранието е столб на демократското општество и клучен актер во процесот на пристапување и затоа клучно е да се продолжи со интензивна реализација на сите активности за европеизација на земјата и нејзиното приближување кон Европската Унија.
Македонија
Гаши – Цамај: продлабочување на парламентарната соработката
Денеска во Рига, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со потпретседателот на Парламентот на Црна Гора, Никола Цамај.
На средбата се дискутираше за соработката меѓу двата Парламента, вклучувајќи размена на практики и посети на службата, како и можностите за продлабочување на соработка во иднина.
Исто така, двајцата претставници разменија мислења за процесот на интеграција во Европската Унија на Северна Македонија и Црна Гора, нагласувајќи ја улогата на парламентите во процесот на усогласување на законодавството со европското.
На крајот од средбата, Цамај изрази подготвеност да го посети Собранието на Северна Македонија во блиска иднина.