Македонија
Пазарната ги тресе пазарџиите на кванташки, вторпат месецов им влегоа инспектори

Инспекторите на Пазарната инспекција утрово вторпат месецов упаднаа на кванташки пазар, каде што се вршат контроли.
Тие доаѓаат по поплаки дека пазарџиите имаат нечесен пазарен однос, односно дека кријат овошје и зеленчук спротивно на владината одлука.
Ќе се проверуваат и цените по кои се продаваат овошките и зеленчукот, односно дали се почитува ограничувањето на цената. Проверките ќе траат во текот на целиот ден, дали има прекршувања на мерките, ќе се знае веќе попладнево.
Викендов Пазарната казни голем синџир маркети. „Макфакс“ објави дека изречени се глоби од над 30.000 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кумановка тврди дека сопружници не сакале да и’ го вратат бебето – им го оставила да го чуваат два дена, а тие и’ дале пари

Кумановка на возраст од 41 година (М.М) пријавила во полицијата дека А.М.(39) и неговата сопруга А.М.(35) од селото Арачиново, скопско, не ѝ го давале нејзиното новороденче.
Според пријавеното, пред околу четири месеци, додека била бремена, се запознала со сопружниците, кои ѝ понудиле финансиска помош откако ќе се породи.
Како што е пријавено, таа се породила на 18 февруари, а на 20-ти излегла од болница и била пречекана од сопружниците, кои и предложиле да потпише изјава кај нотар за да може бебето неколку дена да остане кај нив. Исто така, според пријавеното, следниот ден таа го оставила бебето во нивниот дом и А..М.(39) и дал пари, а кога побарала по два дена да си го земе бебето, тој не ѝ го дал со образложение дека ќе остане кај нив, информираа од МВР.
Доцна синоќа околу 01.40 часот, полициски службеници ги привеле сопружниците.
Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе следува соодветна пријава.
Македонија
Муртезани на средба со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Унгарија, Жолт Бунфорд

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска имаше средба со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Унгарија, амбасадорот Жолт Бунфорд, на која што беше потврдена блиската и динамична соработка меѓу двете пријателски земји.
Во фокусот на разговорите беше европското досие на Северна Македонија и спроведувањето на Реформската агенда во рамките на Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан. Министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната поддршка од Унгарија, особено видлива и гласна за време на нивното неодамнешно претседавање со Советот на ЕУ.
Муртезани и Бунфорд се согласија дека е неопходно да продолжат реформските процеси и да се искористат сите европски инструменти за институционален и економски развој, со што ќе се забрза европскиот пат на земјата. Беше нагласено и значењето на регионалната соработка, како клучен фактор за стабилноста и напредокот на Западен Балкан.
Министерот Муртезани и амбасадорот Бунфорд ја потврдија посветеноста за натамошно зајакнување на билатералната соработка и интензивната комуникација меѓу двете влади во насока на исполнување на заедничките европски цели.
Македонија
(Видео) Роботска хирургија во воената болница и реконструкција на седум операциони сали и лаборатории, најави Николоски

Воената болница во Скопје ќе добие нови седум операциони сали, нови лаборатории, адаптирани нови простории во интерес на пациентите, истакна денеска вицепремиерот Александар Николоски.
Проектот за реконструкција и адаптација на болницата опфаќа реконструкција простор од преку 3000 м2, и како што рече вицепремиерот Николоски, ќе промовира повисок квалитет на здравствени услуги кон пациентите.
Тој најави дека се очекува целиот проект да заврши оваа година.
„Проектот предвидува реконструцкија на хирушкиот дел во вкупна површина од 2000 м2, седум операциони сали од кои што две ќе бидат за абдоменална хирургија, две ќе бидат за уролошки интервенции, една за уво нос и грло и една за очна хирургија и она што за прв пат се воведува е роботска хирургија, нешто што сме го гледале во странство досега. Понатаму, интензивна нега на површина од 500 м2, предвидени се 7 целосно оперемени боксови за пациенти со најсовремени кревети линиски поставени со централно мониторирање од страна на медицинскиот персонал, придружни простории од 800 м2, стерилизација и биохемиска лабораторија на површина од 100 м2, микробиолошка лабораторија од 80м2, лабораторија за патологија што многу ќе им помогне на онколошките пациенти и трансфузиолошка медицина. Тука спаѓа и саниција на кровот како и поставување на ефикасен систем на греење и ладење, реконструкција на лифтовите, што се заедно треба да не донесе во ситуација некаде крајот на октомври да имаме целосна реконструирана болница 8 Септември што ќе е од голем бенефит за граѓаните“, истакна вицепремиерот Николоски.
Претходно денес беше најавена и изградба на нова терминална зграда и реконструкција на охридскиот аеродром.