Македонија
Палевски вели дека не се пријавил во полицијата во Баликесир оти секако ќе го нашле, се видел на сите вести во пицеријата додека пиел еспресо
Обвинетиот за убиствата на Вања и Панче, Љупчо Палевски, во судот одговараше на прашањата на обвинителите.
Тој беше прашан зошто сам не се пријавил во полиција кога во Баликесир видел дека го бараат со меѓународна потерница. Рече дека пред да биде уапсен го вратил клучот од куќата на сопственикот затоа што сметал дека е јасно оти ќе биде уапсен.
„Без разлика на големината на Баликесир, кога 48 часа сте во градот, не може да знаете каде се судот, Обвинителството и полициската станица. Затоа, реков дека во истиот ден двапати се вратив во пицеријата по што вториот пат бев лишен од слобода на регуларен, нормален начин. Немам приговори на однесувањето на турската полиција, освен една забелешка, која вашиот претпоставен Бубевски ја злоупотреби. Еден од вработените од Интерпол ме извади во ходникот, ме фотографира и фотографијата на ‘Воцап’ му ја испрати на Оливер Спасовски. Подоцна мојот адвокат во Турција ми испрати печатени вести од Македонија, каде што ја видов оваа фотографија. Тоа се ваши класични злоупотреби и на предистрагата и на самата истрага, каде што ги фотографирате осомничените и им ги праќате на медиумите. Немало бегање и не сум променил град на престој по сознанието дека сум осомничен“, рече Палевски.
Потоа обвинителката му рече дека ако сакал, можел и од самата пицерија да се пријави бидејќи бил баран со меѓународна потерница, а прашањето беше насочено кон тоа дали седел без намера да се пријави, Палевски одговори: „И еспресо пиев“.
Додаде и дека не барал полициска станица. На мониторот во пицеријата на сите вести во Турција се гледал себеси.
„Зошто да барам станица кога ќе ме најдат? На 2 декември, Дејан Димовски, оној што вистински ја водел истрагата, а не вие, барал од мојот адвокат Стојков преку телефон да му кажам каде се наоѓам, да му кажам каде сум се движел на 27 ноември. На полицијата ѝ кажав дека сум во Баликесир“, рече Палевски.
Обвинителката Жаклина Јосифовска го праша и каде одел и зошто, иако тврдеше дека го боли грбот и одел во Белград по второ мислење за болеста, со себе немал ниедно ливче од медицинската документација.
„Имав две цедиња во куферот, Обвинителството ми ги украде“, рече Палевски.
Прашан беше и за денот кога беше грабнат и убиен 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и за лицето што вели дека го сретнал, но рече дека не може да се сети на неговото име и презиме. Додека ја шетав Хера, рече Палевски, среќавав многу луѓе.
„Кога и како ќе се осмели тоа лице да се појави пред судот, не знам, но за разлика од ЈО, моите тврдења до сега, како и за пиштолот што недостига, се поткрепени со материјални докази“, одговори Палевски.
Прашан дали однапред платил кирија за декември и покрај лошата финансиска состојба на партијата за да си обезбеди алиби, Палевски одговори: Токму тоа што не сум правел алиби како што сум можел, покажува нешто друго, а не да грабнуваш и да убиваш. Дополнително, слушнавте дека обвинетите рекоа оти се плашеле од мене, тогаш зошто би убивал кога сум можел само да им наредам да го направат тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

