Македонија
Пандов повика судењето за пожарот во Кочани да биде во европската судница во Идризово од 1,3 милиони евра: Три години е празна
Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов денес апелираше судиите да закажуваат судења во новата судница во Идризово. Тој ја поздрави одлуката на судијата Даниела Димовска денешното судење за предметот „Адитив“ да го закаже во судницата во Идризово и повика останатите судии, вклучително и оние за пожарот во Кочани, да го следат нејзиниот пример.
„Јас во тоа име им се обраќам сега, како повик на секој еден судија, не знам кој ќе биде на тој случај, меѓутоа јас искрено верувам дека сега ги имаат сите услови и судиите и правните застапници на обвинетите во овој прекрасен објект да се одвива тоа судење. Искрено верувам дека тоа ќе биде тука“, рече директорот Пандов.
Тој потсети дека судницата со европски пари е изградена во 2020 година и од тогаш стои празна.
„Првото судење е направено дури после две години, во 2022 година и од тогаш, за жал, до ден денес оваа судница седи празна. Оваа судница е под Управата за извршување санкции меѓутоа ова е пред се и над се на Република Македонија. Ова е судница која е буквално европска судница и која што заслужува многу почесто да биде користена. Би сакал да ги охрабрам, да ги повикам сите останати судии, особено поголемите случаи каде што има поголем број на обвинети, да ја користат. Судницата е во одлична кондиција. Нешто ако недостасуваше технички, сега пред ова судење го поправивме, проширен е и пристапниот пат. Посакувам и верувам во тоа дека во идно време оваа судница ќе биде почесто користена“, рече директорот Пандов.
До крајот на годинава или најдоцна на почетокот на следната година Пандов очекува на стотина метри од судницата да почне и изградбата на планираниот притвор. Рече дека не му ветиле, туку му кажале дека е можно во јуни да бидат одмрзнати парите од кредитот од Банката за обнова и развој кои беа замрзнати поради многубројните забелешки за работењето на македонските затвори и на Управата за извршување санкции.
Судницата во Идризово е најголемата судница во земјава. Изградена е на површина од 1000 квадратни метри со судска сала од 290 квадратни метри и има капацитет за околу 120 лица. Има посебни простории за обвинетите , канцеларии за судиите и обвинителите, простории за адвокатите, современ систем за заштита на сведоци со можност за менување на сликата и тонот, систем за видеоконференција, кабина за преведувачи како и соодветен безбедносен и мониторинг систем.
Целта беше во неа да им се суди на притворени и на осудени лица за тешки кривични дела против кои се водат и други кривични постапки, а чиј транспорт до судовите е безбедно ризичен.
Изградбата на судницата чини вкупно 1,3 милиони евра од кои речиси 975 илјади евра се обезбедени преку ИПА акциската програма „Поддршка за секторот правда” на ЕУ,безбедносната опрема беше обезбедена со донација на Амбасада на САД во вредност од над 60 илјади евра, а Владата од буџетот издвои околу 283 илјади евра финасиска помош и дополнителни 45 илјади евра преку Управата за извршување на санкции за набавка на мебел и опрема.
Судницата, во ноември 2022 година, официјално ја пуштија во употреба тогашниот министер за правда Никола Тупанчевски, тогашниот амбасадор на ЕУ во земјава, Дејвид Гир и поранешниот заменик-шеф во мисијата на амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

