Македонија
Панел-дискусија: За предизвиците со домувањето кај младите мора да се дејствува натпартиски
Потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, пратеникот од Левицата, Амар Мециновиќ, универзитетскиот професор Горан Марковски, потпретседателката на Европската мрежа против сиромаштија, Билјана Дуковска, секретарката на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Адела Асани, и членот на Регулаторната комисија за домување, Башким Алили, вчера учествуваа на панел-дискусијата „Домот е основна потреба, а не привилегија – локални политики за младите“ во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија во Скопје.
На оваа панел-дискусија се разговараше за сите предизвици со кои се соочуваат младите во однос на домувањето.
Програмската менаџерка во ФЕС Ивана Вучкова го отвори настанот во воведно излагање кадешто истакна дека прашањето за домување е прашање на социјална правда, еднакви шанси и достоинствен живот.
„Домувањето е основно човеково право и веруваме дека токму на локално ниво или на ниво на градот којшто има најголем проблем со домувањето, треба да се почне со вистински промени и тоа преку храбри, правични и инклузивни политики. Ние како фондација се залагаме за промовирање на дијалог помеѓу сите засегнати страни, особено кога станува збор за вакви прашања“, рече Вучкова.
Шукова, потенцираше дека за прашањето за домување мора надпартиски да се дејствува.
„Виенскиот модел е еден многу добар модел за домување. Тој е интересен и можеби може Градот Скопје да го спроведе. Во Виена при продажба на стан, при градба на објекти одлучила дел од давачките да ги одбие на оние што градат за одреден број на станови. За 50 стана во една зграда, инвеститорот нема да плати комуналии во вредност од еден стан или два и тие ќе ги отстапи на градот, а потоа градот понатаму ќе ги дава на категорија на граѓани кои имаат потреба. Тоа е еден убав модел којшто може да се спроведе кај нас, иако многу доцниме. Мора да почнеме поразлично да размислуваме, а за одредени теми и надпартиски да делуваме“, рече Шукова.
Мециновиќ, потенцираше дека една од причините за активација во политиката е и предизвиците со домување кај младите.
„Не можам да бидам слеп дека една цела генерација пријатели главниот проблем со кои се соочуваа е домувањето. Исселувањето на младите е катализирано, можеби првата причина за иселувањето на младите е недостапноста на домувањето, затоа што со тој проблем се врзуваат многу други проблеми. Домувањето се наоѓа во најбазичниот стратум на човекови потреби. Ние се соочуваме со еден наплив на идеи кои сметам дека се корозивни, кои се непродуктивни и потекнуваат од погрешни принципи, а тоа е принципот да веруваме дека ние самите сме потполно криви за ситуацијата со која се наоѓаме во нашиот живот. Тоа апсолутно не е така. Ова е прашање на политички приоритети, на јадрото на политичкото дејствување“, истакна Мециновиќ.
Марковски, посочи дека младите си одат од својата држава затоа што не можат да обезбедат и достоинствени услови за живот.
„Имањето стан е основа за нашиот цивилизациски опстанок. Без стан нема семејство, без стан нема деца. Тоа значи наше изолирање. Ете во такво опкружување живееме, во едно време на страшен популизам. Градот, но се само градот, во соработка со државата и општините може да се направи стратегија да им помогне во стекнувањето во добивањето поволни кредити. Можни се многу варијации, тука мора да има синергија помеѓу државата, градот, општините. Градот Скопје треба да се зафати со овој проблем бидејќи доминира, треба да најде начин да си ги обезбеди оние средства кои му припаѓаат“, рече Марковски.
Дуковска, додаде дека со години наназад, Европа има проблем со домувањето, и конечно е задоволна што за првпат се отвора како тема.
„Секогаш кога се спомнува младинско домување ги гледаме одма студентите, но младите се категорија од 15 до 29 години и тука младите кои живеат во семејства, од различен обем, од бездомни семејства, субстандардни услови, и богати кои уште непркнати може да бираат во кој стан ќе живеат. Градот Скопје никогаш досега не покажа грижа во однос на планирање на домување како потреба, никогаш младите не се целна група која била вклучена во планирањето на обемот на тоа што ни е потребно“, изјави Дуковска.
Асани, го презентираше својот пример во однос на домувањето кадешто сместувањето во студентски дом мора да биде основно право за секој млад човек којшто не е од Скопје.
„Цените за станот под кирија се многу високи кога би ги споредиле со просечна плата, а замислете со студентски буџет. Се издаваат станови под многу лоши услови, а со многу високи цени. Едни од предизвиците е што немаме договор за стан под кирија, за да може да бидат заштитени. Сигурност не чувствуваме и никогаш не го гледаме како наш дом. Домувањето влијае и психички кај младите, не можат да планираат иднина“, потенцираше Асани.
Алили, рече дека е добро што се отвора една ваква тема за младите и домувањето која е многу сериозна.
„Според законот за домување, Регулаторна комисија има неколку надлежности меѓукои за спроведување и овозможување на подобри услови за граѓаните за обезбедување кров над глава. Мора сите заеднички да се потрудиме да им овозможиме подобри услови на младите, ние не сме блиску ни во споредба со европските земји. Мора да земаме нивни примери и да дејствуваме“, изјави Алили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.

