Македонија
Панчевски поднесе кривична пријава против членовите на Советот на јавни обвинители, ги обвинува за злоупотреба
Кандидатот за државен јавен обвинител Владимир Панчевски, кој не доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, најави дека ќе поднесе кривична пријава против членовите на Советот на јавни обвинители за злоупотреба на службена положба.
„Врз основа на чл.272 од Законот за Кривична постапка до МВР и Јавното обвинителство на РМ, по пат на допрен глас, јас Владимир Панчевски од Скопје, поднесувам, КРИВИЧНА ПРИЈАВА против:
1. Башким Бесими од Тетово, претседател на Советот на јавни обвинители
2. Марјана Илиеска од Прилеп, заменик претседател на Советот на јавни обвинители
3. Јелена Догазанска Колева од Скопје, член на Советот на јавни обвинители
4. Зорица Павловиќ од Скопје, член на Советот на јавни обвинители
5. Ермон Незири член на Советот на јавни обвинители
6. Кети Петкова член на Советот на јавни обвинители
7. Светлана Стојковиќ член на Советот на јавни обвинители
8. Душица Димитриеска член на Советот на јавни обвинители
9. Ардиан Демири член на Советот на јавни обвинители
10. Фатих Алиу член на Советот на јавни обвинители
За кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.1 вв со чл. 22 од Кривичниот законик“, објави Панчевски на Фејсбук.
Тој појаснува дека тие со искористување на својата службена положба и со пречекорување на границите на своето службено овластување, постапиле спротивно на член 62 став 1 алинеја 1 од Законот за јавно обвинителство при разгледување на неговата пријава и утврдување на посебниот услов.
„Констатирале дека: „согласно законските одредби, кандидатот треба да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право. Во конкретниот случај, на кандидатот му престанала функцијата пред 13 години и во меѓувреме не бил ниту судија, ниту јавен обвинител. Оттука, тој стаж не може да се смета за непрекинат стаж од областа на кривичното право во смисла на законот – истакнала членот на Советот Маријана Илиеска. По што со оглед на наведеното, Советот заклучил дека кандидатот Владимир Панчевски не ги исполнува законските услови и не треба да биде ставен на листата на кандидати за кои ќе се гласа.”, напиша Панчевски.
Со ова, според него пријавените со умисла потешко го повредиле неговото законско право предвидено во член 61 ст.1 алинеја 1 спротивно на потврда на Основен Кривичен суд Скопје 07. Су.бр.25/26-1 од 20.01.2026 година со која се потврдува дека бил во редовен работен однос на неопределено време во овој суд, на работно место – Судија од 08.02.2008 година до 28.07.2020 година и има вкупен непрекинат судиски стаж во овој суд од 12 години, 5 месеци и 20 дена.
Исто така, додава Панчевски, во Советот на јавни обвинители како заменик претседател учествувала Марјана Илиеска од Прилеп сопруга на Орде Илиески осуден за организиран криминал со негова пресуда за кривично дело даноќно затајување.
Според него, Илиеска како службено лице обвинител и член на Советот на обвинители била должна да се изземе при гласањето како блиско лице под сомнеж за пристрасност и судир на интереси бидејки истата, како што вели Панчевски, знаела и можела да знае дека при одлучувањето постои конфликт на интереси, но го премолчела овој факт.
„Оваа кривична пријава е одраз на трулиот судско – обвинителски систем и предизвик Јавното обвинителство и МВР да отворат постапка по допрен глас и да расчистат со контаминираните кадри кои незаконски одлучуваат потешко повредувајки ги правата на граѓаните, носат селективна правда и го рушат угледот на судскиот систем.
Ги повикувам Владата и органите на прогонот да се охрабрат и веднаш да постапат по оваа пријава за директна злоупотреба од страна на пријавените“, вели Панчевски.
фото/facebook
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

