Македонија
Советот на јавните обвинители едногласен: Позитивно мислење за Љупчо Коцевски
На денешната седница на Советот на јавните обвинители се даваше мислење за пријавените кандидати за огласот за јавен обвинител на Република Северна Македонија.
На огласот беа пријавени тројца кандидати, Фатиме Фетаи, Љупчо Коцевски и Лидија Раичевиќ. Како што изјави претседателката на Советот на јавните обвинители, Душица Димитриеска, на Фетаи ѝ недостигал дел од документацијата. Кандидатот не доставил потврда за деловна способност.
„Советот на јавните обвинители донесе едногласно позитивно мислење за Љупчо Коцевски. Се работи за кандидат што има долгогодишно искуство, стручно и со успех ја извршува јавнообвинителската функција. Се работи за кандидат што има интегритет, поседува углед и етичност во извршувањето на функцијата, негува добри меѓучовечки односни, лично се ангажира на стручно усовршување, поседува и организаторски способности за извршување на функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија“, изјави претседателката на Советот на јавните обвинители, Душица Димитриеска.
За кандидатот Лидија Раичевиќ, Советот на јавните обвинители даде негативно мислење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мојсоска од Крушево: Апел до сите пратеници да се откажат од патните трошоци по примерот на Левица
Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска, денес во Крушево при отворањето на 50-тата канцеларија на Левица, порача:
,,Нашата кампања на овој револуционерен ден ја заокружуваме тука во револуционерно Крушево. На изборите на 8 мај очекуваме поголема излезност. Очекуваме да се зададе последниот удар на социјалдемократите како најантимакедонска багра со која се соочила државата”.
Мојсоска истакна и одредени проекти и мерки од Изборната програма, посочувајќи дека нивната програма, за разлика од другите партии, има екстензивна платформа за работничките права.
– На овие избори настапуваме со мерки за зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, а Левица е единствена партија која предвидува т.н. татково отсуство. Предвидуваме и редефинирање на дејностите кои се трудово – интензивни со бенефициран стаж, како на пример: градежните работници. Предвидуваме и утврдување на минималната плата на две третини од синдикалната кошничка, истакна Мојсоска.
Носителот на ИЕ5, Јована Мојсоска, упати апел до пратениците да се откажат од патните трошоци и да се солидаризираат со обичниот народ.
– Левица е единствена партија која се залага за укинување на патните трошоци, за укинување на привилегиите на функционерите. Нашите пратеници во изминатиот мандат имаа 0 денари патни трошоци, така ќе биде и во наредниот мандат. Упатувам апел до сите пратеници – во услови кога во Македонија во која, речиси, 500 000 жители живеат на работ на сиромаштијата, ги повикувам пратениците да се откажат од своите патни трошоци, рече Мојсоска.
Македонија
Апасиев: Македонската платформа е единствениот спас од опасноста за федерализација на државата
Мотивацијата по првиот круг од претседателските избори е зголемена, соопшти претседателот на Левица и Носител на ИЕ1, Димитар Апасиев.
,,Мотивацијата е зголемена, затоа што ова беше наше огнено крштевање – првпат имавме претседателски кандидат и тоа е одлично искуство. Партијата продолжува напред. Отворивме над триесетина канцеларии во меѓувреме, во овие две последни години, така што мотивацијата е најмалку да го дуплираме скорот којшто го донесе професорката Ванковска”, вели претседателот на Левица, Апасиев.
Левица очекува поголем број пратеници на Парламентарните избори, за да може уште посилно да се бори против штетните политики и да ги застапува интересите на граѓаните, остварувајќи ја својата изборна програма.
,,Поголем број пратеници од Левица во Собрание би значело брана против сите штетни политики на косоваризација и бугаризација на државата. Ние со два пратеника успеавме да спречиме многу штетни политики: успеавме да спречиме етничка припадност во лични карти, приватизација на Брза помош, ги намаливме цените на болниците во време на ковид-криза, така што кога со двајца тоа го постигнавме, можете да замислите со 8 – 12 пратеници!”
Оттука Апасиев порача дека гласот даден за Левица не е фрлен глас.
,,Гласот за Левица е глас даден за една искрена, чиста опција којашто е единствена на левата политичка сцена. Бидејќи сега се остварува нашата прогноза за пасокизација на СДС, гласот за Левица е глас насочен кон правата левичарска опција во Македонија.”
Левица има најрадикална – во смисла на добра радикална политичка програма.
,,Ние предвидуваме шестчасовно работно време, затоа што тоа ќе ја зголеми продуктивноста. Понатаму – двосменска администрација, а имаме најголема антикорупциска платформа и, да не ја заборавиме, Македонската платформа како основа за преговарање за секоја идна влада – тоа значи запирање на уцените кои постојано, од година во година, доаѓаат од страна на необалистичките партии на албанското малцинство”, додава Апасиев.
За Македонската платформа, Левица зборува веќе 2 години.
,,Македонската платформа е искрена Платформа, којашто ние ја вергламе веќе две години наназад и мислиме дека тоа е единствениот спас од опасноста на федерализација на државата, така што очекуваме во текот на преговорите, постизборно, сите македонски или промакедонски партии да ја прифатат оваа Платформа, бидејќи е едноставна – во пет точки и не бара ништо што е надвор од Уставот”, истакнува Апасиев за единствената промакедонска платформа во Македонија, предложена, искреирана и иницирана од Левица.
Македонија
Митрески: Заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во име на пратениците и во лично име, упати честитка по повод големиот христијански празник Велигден до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски-македонски г.г. Стефан и до сите православни верници, посакувајќи празничните денови да поминат во добро здравје, неизмерна радост и среќа, исполнети со духовен мир и хармонија.
-Христовото страдање за човештвото и неговото воскреснување треба да ни помогне заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици. Да се спротивставиме на сите непогоди, да ги победиме искушенијата, да бидеме солидарни едни кон други и да ги отвориме нашите срца за безусловна љубов, сочувство и заедништво, истакнува спикерот Митрески.
На овој Велигден, се нагласува во честитката, да ги искористиме празничните моменти и да споделиме радост и среќа во семејството, помеѓу нашите најблиски, пријателите, познаниците, но и сите оние на кои им е потребна помош и поддршка.
-Да споделуваме, да пружиме рака, да шириме добра мисла и љубов и да му се радуваме на животот. Велигден, како празник на надежта, нека донесе благосостојба и сплотеност во нашите срца за сите, независно на која вероисповед припаѓаат. Заедно да посакаме подобар свет, повеќе емпатија и разбирање, свет без конфликти, со тенденција сите недоразбирања да се решаваат со дијалог и компромис, стои во честитката од претседателот на Собранието Митрески до поглаварот г.г. Стефан и до православните верници.