Македонија
Папата Франциско со папамобилот прошета на улицата Македонија

Папата Франциско со аплауз беше пречекан од многубројни верници пред Меморијалниот центар „Mајка Tереза“ во Скопје, каде што пристигна со делегацијата од Ватикан.
Верниците брзаа да се ракуваат и да побараат благослов од него по што делегацијата се поклони пред споменикот на Мајка Тереза.
Во Спомен-куќата на Мајка Тереза се сретна со претставници на верските заедници во земјата, со поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, со поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, и со скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов.
По средбата со верниците, папата Франциско се качи во популарниот папамобил, со кој се упати на плоштадот Македонија, каде што се одржува централниот настан и Светата литургија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На многумина ќе им бидеме пречка, но како премиер нема да отстапам од правото да говориме на македонски, јазикот е нашиот неспорен идентитет, вели Мицкоски

Пред осумдесет години, на оваа почва, се кодифицираше македонскиот литературен јазик. Тоа беше повеќе од административен чин. Тоа беше признавање на една длабока, искрена, долга и тешка борба на еден народ за свое име, свој израз и своја самобитност. Оваа кодификација не произлезе преку ноќ. Таа беше плод на децении работа и истрајност на големи луѓе и на генерации интелектуалци, учители, поети, новинари, читатели. Секој од нив вложи збор, мисла, срце, истакна премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
Македонскиот јазик, кажа Мицкоски, живее во мислата на секој Македонец каде и да е.
„Во 21 век судбината на малите народи е постојано да се потврдуваат, борат и држат до своето право на идентитетско обележување. Најмоќните пропаганди се тие кои удираат по идентитетските обележја. И неретко ние како нација сме ги имале таквите удари, а болката е поголема кога тие доаѓаат од домашните луѓе кои ваму или таму, поради разноразни лични или лукративни интереси ќе оспорат или невнимателно ќе внесат сомнеж кон некоја историска вистина која нас не потврдува како народ и нација. Јазикот е нашиот бедем и неспорен идентитет, и јас како премиер нема да отстапам од нашето цивилизациско право да говориме на македонски, да се претставувам на македонски, да се радуваме, тагуваме и да пееме на нашиот многувековен, ќе повторам многувековен македонски јазик. Тоа го правеле нашите дедовци, тоа ќе го прават и нашите деца. Затоа на многумина ќе им засметаме, на неколкумина ќе им бидеме пречка, но секогаш знам дека работам за моите граѓани и нашата заедничка татковина“.
Владата, како што рече, ќе продолжи да инвестира во македонскиот јазик, преку образовни реформи, дигитални проекти, речници и стандардизација.
Македонија
МОН преку стипендии ќе ги поттикнува средношколците да се запишуваат на студиски програми по македонски јазик

Заради стимулирање на учениците од IV година од средното образование за запишување на студиски програми по македонски јазик, Министерството за образование и наука за студиската 2025/2026 година ќе додели 15 стипендии на редовни студенти запишани студиски програми за изучување на македонскиот јазик во прва година на додипломски студии од прв циклус, информираат од ова министерство.
Право на стипендија ќе имаат студентите запишани во прва година на додипломски студии од прв циклус кои студираат на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија, студиски програми за изучување на македонскиот јазик и кои ги исполнуваат следните услови: да се редовни студенти; да не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании; да се државјани на Република Северна Македонија.
„Критериуми за доделување на стипендиите се:
1. Успехот во учењето, односно успехот остварен во текот на средното образование, со просек од сите четири години од најмалку многу добар;
2. Доколку кандидатот користел стипендија за талентирани ученици од Министерството за образование и наука, добива дополнителен 1 бод за секоја година од користење на стипендијата.
Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk од 01.11.2025 до 15.11.2025 година.
Висината на стипендијата изнесува 6.050,00 денари месечно, за 9 месеци во текот на студиската година.
Стипендијата се доделува за толку семестри за додипломски студии, колку што се предвидени со општиот акт на високообразовната установа, без апсолвентски стаж за студирање“, појаснува во информацијата.
Македонија
Тошковски-Сецуко: разменети иницијативи за продлабочување на соработката со Јапонија

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работна средна со Амбасадорката на Јапонија во земјава, Кавахара Сецуко.
На средбата стана збор за одличните односи помеѓу двете земји, волјата за унапредување на соработката и на стратешко и на оперативно ниво, а се разменија и иницијативи за продлабочување на истата преку членување во разни меѓународни организации за полициска соработка.
Двете страни ја потврдија силната волја и посветеност на развивање на меѓусебните односи и соработка, преку конкретни предлози за нивно реализирање.