Македонија
Партиите се обврзаа на приоритетно донесување на Законот за заштита од дискриминација
Декларацијата за приоритено донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација ја потпишаа 17 политички партии.
Политичките партии кои стојат како потписници на оваа Декларација се (по азбучен ред): Алијанса за Албанците, ВМРО-ДПМНЕ, Глас за Македонијa, ДЕМОКРАТИ, Демократски сојуз (ДС), Зелена партија Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Либерално демократска партија (ЛДП), Нова социјалдемократска партија (НСДП), Обединета партија за еднаквост на Ромите (ОПЕР), Партијата за движење на Турците (ТХП), Партија за демократски просперитет на Ромите (ПДПР), Партија за економски промени 21 (ПЕП21), Партија на пензионери (ПП), Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Сојуз на Ромите на Македонија, Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и Твоја партија.
Непосредно пред предвремените парламентарни избори, девет мрежи на здруженија на граѓани, кои заедно бројат повеќе од 100 здуженија, испратија барање до сите политички партии кои учествуваат на предвремените парламентарни избори, за поддршка на Декларација за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) од страна на идниот парламентарен состав.
„Од една страна сме задоволни што голем број политички партии ја поддржаа декларацијата. Помеѓу партиите поддржувачки има политички партии со различна идеолошка позадина, различна големина, моќ и искуство во законодавниот дом. Но, од друга страна, за жал, после 10 години од донесувањето на првиот Закон за спречување и заштита од дискриминација сѐ уште има партии кои не ја поддржуваат нашата борба за поеднакво општество без дискриминација. Еднаквоста на граѓаните не е прашање на политичка волја, туку претставува уставна обврска за сите пратеници и за секоја влада, и предуслов за напредок, демократија и благосостојба. Унапредувањето на состојбите во земјата на кое било поле нема да ги даде посакуваните резултати доколку сите граѓани без разлика на различностите не можат да пристапат и под еднакви услови да ги уживаат правата, услугите и можностите“, се вели во соопштението од Коалиција Маргини.
Апелираат идниот состав на Собранието веднаш да го донесе новиот Закон за спречување и заштита од дискрминација и најавуваат дека активно и будно ќе ги потсетуваат на оваа обврска и на ова ветување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

